По успешната сезона во НБА-лигата, екипата на Лос Анџелес Лејкерс на хартија изгледа уште подобро отколку пред два месеца кога ја освои 17. титула во „балонот“ во Орландо.

Веќе ги нема Раџон Рондо, Двајт Хауард, Џавал Мекги и Дени Грин, а на нивно место се дојдени поранешниот дефанзивец на годината, Марк Гасол, како и двајцата најдобри играчи од клупата за минатата сезона, Монтрезл Харел и Денис Шрудер.

Сепак, германскиот плејмејкер, кој минатата сезона беше резерва за Расел Вестбрук и Крис Пол во Оклахома, повеќе не ја сака улогата на шести играч.

  • Минатите две сезони бев како одлична замена од клупата во Оклахома, но оваа сезона заедно со Леброн Џејмс и Ентони Дејвис можам да бидам корисен како почетен плејмејкер, истакна Шрудер.

Неговото барање би имало смисла кај повеќето тимови затоа што Лејкерс немаат ниту класична „единица“, но Џејмс ги извршува разигрувачките должности, а бековските позиции ги покриваа дефанзивни играчи и добри шутери, како што тоа го правеа Грин, Ејвори Бредли и Кентавиус Калдвел-Поуп. Затоа на „езерџиите“ повеќе ќе им одговара тој да влегува од клупата, како Рондо минатата сезона, и да ја предводи играта додека Леброн се одмора отколку да игра заедно со него и на теренот да биде на шутерските позиции.

Инаку, вклучувањето на Германецот во почетната петорка би значело дека Лејкерси отстапуваат од формулата што им ја донесе шампионската титула, иако сите измени во составот што ги направија укажаа дека тие ќе ја задржат таа формула.

Шрудер ги одигра првите пет сезони во НБА лигата во дресот на Атланта и последните две во Оклахома. Тој започна само на два од 65 натпревари минатата сезона и имаше просек од 18,9 поени, 3,6 скока и четири асистенции. Во кариерата бележеше во просек по 14,1 поен, 2,8 скока и 4,6 асистенции по натпревар.