Шилегов: На „Цветан Димов“ полицијата треба да воведе ред

501

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов запрашан што се случува со булеварот „Цветан Димов“ и ќе се преземе ли нешто за возачите кои паркираат автомобили каде не е дозволен, одговори дека Министерството за внатрешни работи треба да почне со патролите на сообраќајната полиција, а недозволеното или екстремното непочитување на сообраќајните процеси да биде санкционирано.

– Оваа градска администрација откако јас сум градоначалник како никогаш до сега има инвестирано во северниот дел на градот или таканаречената лева страна на Вардар, со што и фактички како човек праќам порака дека за мене сите луѓе се исти без оглед на кој дел од градот живеат. За жал, во минатото не било водено доволно сметка за изградба на инфраструктура токму во Чаир, а кога се носеле ако воопшто биле носени или се реализирале, ако воопшто биле реализирани плановите, не била предвидена соодветна сообраќајница со капацитет да може да одговори на потребите на граѓаните од општина Чаир или Бутел 1 – истакна Шилегов.

Тој додаде дека како градоначалник побарал Градот да добие комунална полиција за да може да ја преземе одговорноста за сообраќајот, регулирањето, несоодветното паркирање, застанување.

– Она што Градот не може да го направи е да ја работи работата на полицијата. Гледајќи ги аномалиите на системот јас како градоначалник во минатото имам побарано Градот да добие и комунална полиција со цел ние да ја преземеме одговорноста за сообраќајот, регулирањето, несоодветното паркирање, застанување. Јас можам само да апелирам до Министерството за внатрешни работи, бидејќи не можам да наредам, патролите на сообраќајната полиција на неколку три или четири невралгични точки кои ги имаме во нашиот град, недозволеното или екстремното непочитување на сообраќајните процеси да го санкционираат. Апелирам полицијата да почне да си ја врши работата во Град Скопје – заклучи Шилегов.