Шилегов ги остави 4 години соголени фасадите на „Пелaгонија“ и на ЕСМ

161

Фасадата на зградите на Пелагонија и на ЕСМ и натаму се соголени. Од Градот очекуваат во краток период да бидат објавени јавни повици за избор на решенија за изгледот на фасадите, чија цел е запазување на автентичниот изглед на овие објекти.

– Доколку се изберат решенија за нивниот изглед, нареден чекор би биле јавни повици за нивна изведба – потенцираат од Градот.

Околу обновување на фасадата на зградата на „Пелагонија“, Шилегов имаше и работна средба со претставници од ЕСМ, но од таа средба тогаш не произлезе ништо конкретно.

Од ЕСМ вчера истакнаа дека состојбата во однос на изведбата на фасадата е статус кво.

– Сè уште не сме се преселиле во новиот објект кај Музејот на Македонија. Законот за дивоградби иако беше донесен од Собранието, не беше потпишан од претседателот на државата Стево Пендаровски. Во внатрешноста на објектот имаше некои проблеми Сега повторно е во Министерството за транспорт и врски- образложија од компанијата.    

Нема ништо конкретно и од ветувањата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов дека по продажбата на Градската куќа, на градската администрација ќе и обезбеди подобри услови за работа и тоа во објект кој, како што велеше, треба да биде во строгиот центар на градот, а по можност на Градскиот плоштад.

Од Градот велат дека нема нови моменти по ова прашање.

– Град Скопје работи на набавка на нов објект за потребите на администрацијата, согласно насоките од Одлуката за набавка на недвижен имот – објект со намена деловен објект во централното градско подрачје – Мал ринг  за потребите на Град Скопје, која беше донесена од страна на Советот на град Скопје минатиот октомври – кусо одговорија градските власти.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, по продажбата на Градската куќа со електронско јавно наддавање, а која ја купи ЕВН Македонија за 785.031.818 денари, повеќе пати изјави дека на градската администрација и е потребен објект со подобри услови и тој да биде во централното градско подрачје. Всушност, како што образложуваше тој, новиот објект на Градската куќа беше продаден токму заради тоа што според Шилегов беше мал да ја собере градската администрација и беше отстрана.

Имаше информации дури и тоа дека Шилегов сака да ја земе зградата на ЕСМ,  откако оваа компанија го купи делот од зградата кој беше на ЕВН, кои не беа ниту демантирани, ниту потврдени од него. ЕСМ требаше да се пресели во новата барокна зграда спроти Музејот на град Скопје, но тоа сè уште не се случи, па засега и тоа е на стенд бај.

Нема ништо и околу изградбата на Офицерскиот дом каде подолг временски период не се одвиваат никакви активности.

-Во однос на изградбата на Офицерскиот дом, Град Скопје не е инвеститор на овој објект и немаме информации од ваков вид – потенцираа градските власти и додаваат дека околу роковите на изградба, Град Скопје законски нема градежна инспекција за вршење на контроли, а за повеќе информации упатија на инвеститорот или Општина Центар.

Изградбата на објектот висок до 29 метри требаше да финишира најдоцна до 2019 година.

(А.П.)