Шилегов бара од полицијата да ги казнува возилата паркирани на велопатеките

105

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов бара од СВР Скопје да ги интензивира теренските контроли и да ги казнува возилата што се паркирани на велосипедските патеки.

– За да овозможиме непречено и безбедно движење на велосипедистите на вело патеките, упатив официјално барање за интензивирање на сообраќајните теренски контроли до СВР Скопје.Паркираните возила на новите вело патеки поставени на коловоз (на булеварите „Св.Климент Охридски„ и „Кочо Рацин“ и на улиците „Св.Кирил и Методиј“, „Московска“ и “Кемал Сејфула“) и претекнувањето од возилата на велосипедските ленти во голема мера ја загрозуваат безбедноста на велосипедистите во сообраќајот и претставуваат сериозна препрека во континуираниот пораст на велосипедскиот сообраќај во нашиот град – стои во официјалното барање.

Безбедноста на велосипедистите како ранлива категорија во сообраќајот е заедничка одговорност на сите учесници во сообраќајот и апелирам да се почитува поставената сообраќајна сигнализација на вело патеките.

– Интензивно работиме на реконструкција и изградба на нови вело патеки за да обезбедиме оптимални услови за користењето на велосипедот како превозно средство и да ја подобриме мобилноста на велосипедистите. Го намалуваме просторот за автомобили и новите вело патеки со физичко издвојување со столпчиња ги изведуваме на коловозите на градските сообраќајници, но истовремено Градот Скопје нема механизми да врши контрола за секојдневната узурпација на овие вело патеки и затоа бараме засилени сообраќајни контроли од СВР Скопје – појаснува Шилегов.