Европската ракометна федерација (ЕХФ) го потврди ранкингот според кој во следната сезона ќе се определуваат патниците во европските купови. Челниците на европската куќа на ракометот открија дека Македонија ќе го задржа  местото во елитата, поточно ракометниот шампион на  нашата земја ќе оди директно во групната фаза на Лигата на шампионите.

Македонија се наоѓа на осмата позиција на ова рангирање со коефициент од 80. Така, кој и да биде шампион во оваа сезона, за следната ќе си обезбеди настап во елитното натпреварување на ЕХФ.

За директно учест во најелитното клупско ракометно натпреварување, битка ќе водат Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер, а се чини дека тежиштето е променето и битолчани се во предност. Проблеми со ЕХФ коефициентот се очекуваат следната година, бидејќи тогаш ќе се загубат поени од втората шампионска титула на Вардар, па мак-ракометот може да го загуби местото во групите.

Исто така, ЕХФ ги потврди и ранкинзите за Европската лига, како и Европскиот куп. Во второто по ранг натпреварување следната сезона РФМ ќе може да пријави две екипи, со еден тим директно во групите, а еден низ квалификациите, додека во третото по јачина ќе игра веројатно една.

Македонските тимови ќе мора да бележат добри резутлати во оваа и следната евро-сезона, со цел да се задржи континуитетот и да не дојде до драстичен пад на рангирањето.

Сезонава Вардар беше исфрлен од Лигата на шампионите , поради неподмирени обврски кон ЕХФ  па претставник во европските купови од нашата држава ќе биде само Еурофарм Пелистер во групите на ЕХФ Европската лига.