Компанијата за бродски крстосувања „Ројал Карибијан“ го претвори некогаш мирниот, приватен остров Кококеј на Бахамите во неверојатна туристичка дестинација, а целата трансформација ги чинеше 250 милиони долари.

Островот е отворен за патниците кои пловат со крузерите на „Ројал Карибијан“, а содржи се што е потребно за „Совршен ден на Кококеј“, од големи тобогани и базени со бранови до пет нови ресторани и приватни песочни плажи.

-Горди сме што можевме да го донесеме нашето 50-годишно наследство во иновации за да го трансформираме овој неверојатен остров. Ова е комплетна револуција во приватните дестинации во туристичката индустрија, вели Мајкл Бејли, претседател и извршен директор на „Ројал Карибијан интернешнл“.

Уредникот на сајтот на компанијата Колин Мекданиел вели дека овој револуционерен остров го крева нивото на компаниите за пловечки туризам на приватните острови во смисла на активности на копно.

Во аквапаркот на Кококеј е поставен најголемиот тобоган во Северна Америка, кој со своите 40 метри висина ги надминува останатите 12 тобогани.

На Кококеј е сместен и најголемиот базен со бранови на Карибите, долг 490 метри.

За оние кои ќе посакаат да го погледнат островот од птичја перспектива, има хелиумски балон врзан за земја кој ги вози гостите на височина од 140 метри.

Тука е и „Лагуна Оаза“, најголемиот слатководен базен на Карибите, со приватни колиби наоколу за одморање.

„Совршен ден на Кококеј“ свечено е отворен месецов. Еден дел од островот ќе биде отворен во декември.