Челниците на Парламентот на БиХ бараат итна реакција од САД и ЕУ поради кризата во земјата

115

Претседателите на двата дома на парламентот на Босна и Херцеговина денеска во заедничко писмо упатено до телата на ЕУ, Советот на Европа и САД побараа помош и решителна акција од меѓународната заедница за да се запре спроведувањето на сецесионистичките планови најавени од членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Денис Звиздиќ, кој моментално е претседател на Претставничкиот дом и Бакир Изетбеговиќ, актуелниот прв човек на Домот на народите на Парламентот на БиХ, во писмо испратено до претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, оценија дека идејата на Додик за враќање на овластувањата од државата БиХ на ентитетите е само покритие за неуставни дејствија.

Тие наведоа дека најавата на Додик за повлекување на Република Српска од законот за формирање на вооружените сили на БиХ, државното правосудство и полициска и разузнавачката агенција значи не само постапување спротивно на уставот и важечките закони, туку и вовед во формирање парадржавни тела на власт, пренесува Хина.

Тие додаваат дека ова е само кулминација на политиката што Додик и неговите сојузници континуирано ја застапуваат повеќе од една деценија.

„Можеме со сигурност да кажеме дека БиХ денес би била далеку постабилна и поуспешна држава да не беа активностите на политичката партија СНСД предводена од Милорад Додик. Во последните 15 години овој политичар и неговите соработници го попречуваа напредокот на земјата на нејзиниот евроатлантски пат и направија се што е можно за да се одржи апартхејдот во однос на Хрватите и Бошњаците во РС“, се вели во писмото.

Изетбеговиќ и Звиздиќ потсетија дека САД и најважните европски земји биле сведоци на Дејтонскиот договор и затоа имаат обврска да реагираат во случај на прекршување на неговите одредби, па затоа очекуваат конкретни активности кои ќе ја потврдат поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ.

Тие оценија дека секое одложување на конкретната реакција на меѓународната заедница ќе биде само нов поттик за оние кои веќе го загрозуваат мирот во БиХ, а со тоа и во регионот.

„Само со заедничка решителна реакција на нас во БиХ, ЕУ и САД и другите сведоци-потписници на Дејтонскиот мировен договор ќе можеме да ги запреме катастрофалните последици што би произлегле како резултат на заканите од политичките следбеници на Додик од ентитетот на РС. Алтернатива на тоа е уривање на Дејтонскиот договор, а со тоа и мирот во БиХ. Мораме со сите средства да го спречиме ова сценарио“, се вели во писмото потпишано од претседателите на двата дома на Парламентот на БиХ.