Оваа активност именувана како „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ треба да го сврти вниманието на општата јавност кон културата и уметноста, како неискористен потенцијал на општеството. Според Марија Коробар која заедно со Весела Моловска е еден од иницијаторите, е и создавање на документарен филм за покренатите прашања во рамките на превземените чекори

Црно- белите портрети на 130 македонски уметници, културни работници и креатори на културна политика, деновиве осамнаа на фасадите на зградите на улицата Рузвелтова (44а-46а) во Скопје. Тие треба да го свртат вниманието на општата јавност кон културата и уметноста, како неискористен потенцијал на општеството. Според глобалната платформа „Inside Out“ пораката на оваа активност именувана како „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“, е дека уметноста може да е двигател за промени, да ги постави вистинските прашања, да отвори нови можности, да го разбуди општеството и да влијае на колективната свест.

Според Максим Ристевски кој е член на тимот, ако не ги поддржиме уметниците, ќе продолжиме да го жртвуваме креативното и инспиративното. Тој посочува дека на работата на уметниците предолго се чувствува одекот од ставот на општеството “Овде е бесмислено да се вложува во култура“.

Инаку, активноста „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ во Скопје е иницирана од Весела Моловска и Марија Коробар, кои нашите 130 личности, ги приклучуваат на веќе портретираните 400 000 лица од 138 земји низ светот каде глобалната платформа „Inside Out“, на францускиот уметник ЏР (JR) веќе им помага на поединците и заедниците да изразат став во општеството, преку групна акција, со прикажување на црно-бели портрети од големи размери на јавни површини, видливи за јавноста.

За Коробар во моментов ситуацијата е таква што европските фондови се главен извор на финансирање и многу често се влегува во различни програми и партнерства за кои е потребно да бидат исполнети низа услови, со што се поставува прашање на целосен интегритет на уметникот.

Таа истакнува дека “голем дел од квалитетните уметници кај нас не можат, ниту сакаат да функционираат на овој начин, со што се изоставени од целата приказна“.

Моловска, пак, посочува дека на овој начин се истакнува потребата од дефинирана, долгорочно осмислена културна политика која ќе креира силна и независната културна сцена, што ќе влијае на сите сфери на нашето општествено живеење“. Според неа, прашањето „Која е улогата на културата во нашето општество?“ е ехото на скопската акција, со оглед дека културата е нужност и нашиот идентитет.

Скопската „Inside Out“ ќе трае и следниот месец. Во овој период како дел од проектот истакнува Марија Коробар, е и создавање на документарен филм за покренатите прашања.