Црвената линија сè уште ги дели Скопје и Софија

277

На десетина дена пред Советот на министрите на ЕУ, на кој на дневен ред повторно ќе биде ставено прашањето за можност за официјален почеток на преговорите со Европската Унија, откако Бугарија на состанокот на 17 ноември стави вето и остана на своите барања за воведување на неколку услови во преговарачката рамка, продолжуваат разговорите на ниво на работни групи, предводени од шефовите на дипломатиите на двете земји. Во меѓувреме, високи владини претставници уверуваат дека во преговорите македонскиот јазик и идентитет се црвените линии. Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска генерално сите во Владата се оптимисти дека ќе се најде решение, но вели дека не сака да прогнозира бидејќи за да се надмине еден спор не се доволни само оптимизмот и добрата волја на едната страна, туку волја, желба и активност од двете страни.

– Она што е јасно денеска се пораките кои доаѓаат од сите главни градови, од сите држави кои му посакуваат добро на Балканот, Германија и САД. Денеска со писмото на поранешниот наш амбасадор, а високо позициониран во Стејт департментот, Филип Рикер е дека од нас и од Бугарија се очекува да се стави точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото туку политика која ќе обезбеди европски вредности сега и денес. Не само во Европската Унија, туку и на Балканот кој сака да стане нејзин член, нагласи Шекеринска.

Во писмото до премиерот Зоран Заев, помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер ја искажа поддршката за напорите на македонскиот премиер да ги води разговорите во духот на добра волја и да одржува посветеност во обезбедувањето европска иднина на Македонија која земјата покажа дека ја заслужува. Рикер нагласува дека САД остануваат посветени во поддршката за македонските интеграции кон ЕУ. Тој изразува разочарување што земјите членки на ЕУ не постигнаа согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на ЕУ за нашата земја.

-Ве охрабруваме и вас и земјите членки на ЕУ да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите, напиша помошникот државен секретар во американскиот Стејт департмент.

-Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ, потенцира Рикер.

Тој додава дека САД ги следат и разбираат предизвиците и сложените прашања низ кои поминува процесот и истакнува дека Македонија и досега покажала дека не отстапува кога е неопходно да се завршат успешно потребните процеси за да се обезбеди одржлив мир, сигурност за просперитет за своите и за граѓаните на соседните земји.

Премиерот Заев викендов изјави дека не се точни информациите дека викендов се сретнал со неговиот бугарски колега Бојко Борисов. Премиерот на социјалните мрежи напиша дека македонскиот и бугарскиот народ очекуваат пријателство и соработка, а не размена на недолични пораки.

-Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет. Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи. Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!, напиша Заев на Фејсбук. И министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека ќе направат сè за да се најде решение, но никако на сметка на прашањата за македонскиот јазик и идентитет.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во петокот во интервју за Алсат рече дека набргу ќе се знае дали ќе има надминување на отворените прашања со Бугарија. Тој посочи дека барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западно-бугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство.

Бугарскиот претседател Бојко Борисов пак и вчера имаше дволичен коментар. Тврди дека Бугарија има голема желба за почеток на преговори со Македонија, но бил изненаден од резолуцијата на ЕП за малцинството.

-Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? Јас не познавам такво малцинство. Од резолуцијата дознав дека има такво. И со оглед на тоа што бугарските социјалисти во ЕП ја поддржаа резолуцијата очигледно тие исто така сметаат дека такво малцинство живее кај нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Република Северна Македонија, сега се насочуваме кон сосема поинаква дебата. Сакам да напоменам дека навистина ме вознемири насоката во која се развија настаните, изјави Борисов за ФАЦ. (Е.А.)