Целосно запуштени трибините на градскиот стадион

89

Градскиот стадион во Кичево, кој пред деценија-две беше фудбалски епицентар во градот и регионот, каде се одиграа безброј возбудливи натпревари и дотеран во секој поглед, денес не може да се препознае. Обраснат е со висока трева околу теренот, а трибините со напукнат бетон, обраснати со висока трева и искршени столчиња.

За да не му се случи целосна пропаст на стадионот се погрижи тренерот на третолигашот „Напредок“, Ѓорѓи Трпески, кој не само што ја води екипата, туку е единствениот кој, колку-толку му посветува внимание на зелениот терен за да може барем да се играат регуларни фудбалски натпревари.

-Состојбата на Градскиот стадион е повеќе од загрижувачка. Иако овој стадион е градски, сепак од локалните власти не му се посветува доволно внимание за негово тековно одржување. Во неколку наврати сум имал намера да го контактирам комуналното претпријатие да ги запознам со проблемот, за да преземат мерки Градскиот стадион да се потсреди, но сепак до планираната средба не дојде – изјави Трпески, кој вложува огромни напори „Напредок“ да продолжи со работа, а стадионот сè уште да биде употреблив.

Тој вели дека и покрај огромната желба да ги подучува младите што подобро да играат фудбал, посочи, случајов ја има и улогата на економ.

– Го наводнувам и косам теренот без никаков надомест, за да не дојде до негово целосно исушување. Ако во наредните година-две не се променат состојбите и јас ќе бидам приморан да кренам раце од клубот и од стадионот. Се прашувам зошто тоа му се случува на фудбалскиот храм во Кичево, каде ја оставивме младоста и му ги посветивме на клубот најубавите години – нагласи Трпески.