Царовска од Јурумлери најави нови инвестиции во градинките и во 2020

120

Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50 отсто, за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита. За таа цел, во Буџетот се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки, изјави министерката Царовска

Министерството за труд и социјална политика и наредната година ќе продолжи со инвестирање во нови и подобрување на условите во градинките. За таа цел, во Буџетот се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки.

– Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50 отсто, за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита. На овој начин, преку инвестициите во градинките, инвестираме во раниот детски развој, а со тоа и во иднината на нашата држава. Изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари и со тоа темпо продолжуваме – истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која со градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, го отворија проширениот дел од градинката „Морковче” во скопско Јурумлери.

Таа истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите, се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот кој се грижи и ги воспитува децата. Само во последната година платите на вработените во градинките се зголемени за 21 отсто, што е најголемо покачување до сега.

Градоначалникот Георгиевски истакна дека градинката „Морковче”, во Јурумлери, конечно го доби потребниот капацитет за децата.

– Доградбата на новата занимална од 74 квадратни метри овозможува сместување на 24 деца, а канцеларискиот простор, кој не се користеше, го пренаменивме во јасли, со капацитет за нови 22 деца, а со тоа се доби уште една дополнителна занимална. Оваа градинка сега располага со капацитет за 120 деца, кои ќе бидат поделени во групи, соодветни на секоја возраст, можност што досега ја немаа – рече Георгиевски.

Општина Гази Баба за оваа намена издвои 2,5 милиони денари, а со 500.000 денари, од Министерството за труд и социјална политика е опремена градинката.