Храна повторно ќе стигнува до 250 корисници

228

Асоцијацијата „Сите сити – Ајде Македонија“ од наредната недела повторено почнува со дистрибуција на овошје, зеленчук и печива до народната кујна во Ѓорче Петров, Центарот за деца на улица во Шуто Оризари и во пунктот за бездомници на Црвениот крст на град Скопје во Момин Поток. Оваа активност беше прекината заради состојбата со коронавирусот.

Како што информираше координаторот на „Сите сити“ и претседател на „Ајде Македонија“, Блаже Јосифовски, се работи за 250 корисници на дневна основа.

– Храната ќе се собира рано наутро од околу 15 локали, пиљари, пекари, и сендвичарници од каде се земаат лепчиња. Ние имаме сопствено возило, а ќе се почитуваат и сите мерки за заштита – објасни Јосифовски.

Тој се надева дека од септември ќе ја рашират дистрибуцијата на храна на дневна основа и во други градови во државата и дека таа се планира да се спроведе и во Битола, Струга, а можеби и во Виница. Во зависност од состојбата со коронавирусот, сакаат од септември повторно да ја организираат големата акција „Нахрани 10.000“, во рамките на која се собираат големи количини храна.

– Соработуваме со околу 15 активни организации, кои се наши партнери. Тие бараат да се реализира оваа акција, бидејќи се собираат од 250 до 300 килограми храна од пункт, а ги има 30, па така се собира од 6 до 13 тони храна, во зависност од тоа во кој период ја правиме акцијата – истакна Јосифовски.

Обично, оваа акција „Сите сити – Ајде Македонија“ ја прави два пати годишно, а може и повеќепати во зависност од потребите. Организираните членки на „Сите сити“ водат евиденција на различни категории на социјално загрозени граѓани кои имаат потреба од храна. Храната се пренесува во вид на неделни/месечни пакети.

Податоците со кои располагаат од асоцијацијата за тоа кои семејства се социјално загрозени се добиени директно од Државниот завод за статистика во однос на просечни примања по четиричлено семејство во Македонија. Кога ќе се распредели во денови и оброци, а притоа се спореди со цената на чинење на еден нутритивен оброк, определена од Министерството за труд и социјална политика, 1 од 5 луѓе во Македонија не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на една година.

(А.П.)