,,Регионалниот форум на Западен Балкан и Турција за граѓанско општество”, во организација на проектниот тим на EУ TAKCO 3(EU TACSO 3), чија цел е да ги унапреди и зајакне капацитетите како и улогата на граѓанските организации во овие земји, се одржа во Скопје.  EU TACSO 3 е проект поддржан од ЕУ, и кој ќе ја раководи Техничката поддршка на граѓанските организации во Западен Балкан и Турција. Бројот 3 се однесува на третото продолжение на проектот,  овој пат има седиште во Скопје.

На форумот во Скопје учествуваа 100 претставници на граѓански организации од:Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, како и високи претставници од Европската  Комисија и од јавните институции од регионот.

Настанот го отворија:Никола Бертолини, Раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Р. Северна Македонија, Kaлинка Габер, Државен секретар при Секретаријатот за Европски Прашања (СЕП) во Владата на Р. Северна Македонија, Георгиос Хацијангу, Регионален директор за Југоисточна Европа на ,,ГДСИ Лимитед”, која раководи со EU TACSO 3.

На Форумот, за прв пат Европската Комисија ја презентираше архитектура на новиот Пред-пристапен инструмент за ЕУ буџетски период 2021-2027 (ИПА 3)и со тоа отвори процес на консултации со граѓански организации за тоа кои се нивни согледување и препораки за идната поддршка и трошење на ЕУ средствата во земјите од Западен Балкан и Турција.

На Форумот за прв пат се разговараше  и за идната поддршка на ЕУ за граѓанските организации во регионот – Civil Society Facility – како и новиот буџет, и дополнително новите ,,Насоки за поддршка на граѓанските општества во земјите кои се во процес на преговори за влез во ЕУ“ кои ја креираат рамката на очекувани стандарди за исполнување од страна на земји кои се во фаза на преговори или кандидатки за ЕУ во поле на поддршката и соработката со граѓанските организации, како и начинот и методологијата на кој Европската Комисија ќе мониторира како државите се однесуваат спрема граѓанското општество.

На Форумот EU TACSO 3 презентираше важни факти од извештајот за “Проценка на состојбата на средината и капацитетите на граѓанските општества во земјите кандидати за влез во ЕУ“. Имено, сеуште се идентификуваат многу притисоци врз граѓанското општество од институциите во претпристапните земји, и во тој контекст се отвори дебата помеѓу претставниците на граѓанските организации и Европската Комисија за најдобрите начини да се одговори соодветно, кои политички и финансиски инструменти ги има ЕУ на располагање кои можат да им помогнат на граѓанските организации да бидат поблиску до граѓаните, а истовремено да имаат отворен пристап и квалитетен дијалог со институциите. Учесниците беа сложни дека силно граѓанско општество е клучно за земјите успешно да се подготват за користење во средствата од ИПА 3 како и процес на преговори за членството на ЕУ.

 ,,На форумот дадовме силни пораки, дека зајакнато, силно и добро организирано граѓанско општество ги води земјите кандидати за членство во Европска Унија да ја достигнат целта. Со цел да се помогне тој процес,EU TACSO 3 кој претставува Проект за техничка помош за граѓанските организации од регионот на Западен Балкан и Турција со поддршка од Европска Унија, ќе работи во следните 2 години со интензивен календар на активности. Денес пред 100 претставници на граѓанските организации од регионот ги преставивме стандардите и целите кои треба да се достигнат, како и алатките за финансиска и консултативна помош кои ќе следат во иднина за овој сектор. Она што е мошне важно е дека Проектот EU TACSO 3 има регионална улога, и со тоа ќе овозможи побрз развој на граѓанското општество преку вмрежување, соработка, комуникација и споделување на најдобри пракси помеѓу граѓанските организации, изјави Тања Хафнер-Адеми, Тим Лидер на EU TACSO 3

EU TACSO 3 е дел од програмата на ЕУ за поддршка на развој за граѓански организации (Civil Society Facility) за земјите кои се уште не се дел од ЕУ. Граѓанските организации имаат важна улога за Европската Унија и се сметаат за клучни фактори кои го помагаат процесот за влез на нивната земја во ЕУ. Инструментот за развој на граѓанското општество на ЕУ има за цел да ги зајакне граѓанските организации и да им овозможи активно да учествуваат во јавни дебати, и да можат да влијаат на политиките и на одлучувачките процеси.