Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Себастијан Фетел, зборуваше за своите планови по завршувањето на кариерата. Тој не ја отфрли можноста да остане во овој спорт, но стравува дека на „најбрзиот циркус“ на денешницата му се заканува исчезнување доколку не се воведат одредени промени.

  • Не сум сигурен што би можело да биде вистинскиот избор. Нема да возам уште десет години. Се разбира, размислувам што после Формула 1. Најлесно би било да станам репортер за некоја телевизија и да останам на истата позиција уште неколку години. Но, јас не се гледам себеси во тоа, истакна Фетел.

Тој има договор за следната сезона со британскиот тим Астон Мартин.

  • Формула 1 не е зелена, тоа не е доведено во прашање. Но, живееме во време кога имаме технологија и способност да ја направиме Формула 1 позелена без да загубиме од спектакуларноста или страста. Сега се водат важни разговори за тоа што може да се промени во иднина. Ако нема промени, не сум оптимист дека Формула 1 ќе опстане. Доколку ништо не се промени, Формула 1 може да исчезне, додаде Фетел.

Германецот моментно е 12-ти во генералниот пласман, а грчевита борба за титулата оваа сезона водат Макс Верстапен од Ред Бул (262.5 бода) и актуелниот шампион Луис Хамилтон од Мерцедес (256.5 бода).