Во рамките на фестивалот кој од 14 до 19 октомври се одржува во Кинотеката, македонската јавност има можност да види единаесет филмови кои доаѓаат од Босна и Херцеговина, Унгарија, Србија, Грција, Романија, Чешка и Русија.  Изборот на филмовите, според организаторите има за цел да  придонесе за воздигнување на човечките, духовните  и семејните вредности во општеството 

 

Со „Варава“ овогодишниот руски филм во кој за првпат се зборува за разбојникот Варава, кој беше ослободен и на негово место беше распнат Христос, завчеравечер во Кинотеката беше отворено четвртото издание на Меѓународниот филмски фестивал за духовни,  хумани и културни вредности „Богородичен покров“, на кој до 19 октомври ќе бидат прикажани филмови од седум земји.

„Денес кога злото во светот е отелотворено во теророт и насилството кое дејствува активно, исклучително е важно да заземеме принципиелен став и да се бориме против неговите пројави. И токму преку ваквите настани, треба да се зајакнат морално етичките принципи во општеството, патем својствени на сите религии, но истовремено, да станеме и повнимателни кон другите. Фестивалот стана традиција, а иницијативата ужива поддршка од се поголем број на држави“, посочи, меѓу другото Сергеј Баздникин, амбасадорот на Русија, земја која на фестивалот се претставува и со филмовите „Червена“ (15 октомври, 20:15 ч.), документарен филм за извонредниот живот на светската оперска певица и глумица Соња Червена, и инспиративниот руски филм “Од дното на врвот“ за ветувачки шампион во алпинистичко скијање кој во трагична несреќа ги губи двете нозе (16 октомври, 20 ч).

Во рамките на фестивалот деновиве ќе можат да се видат десетина филмови кои доаѓаат од Босна и Херцеговина, Унгарија, Србија, Грција, Романија, Чешка и Русија.

Па така, дел од фестивалот се и филмовите „Преселбите траат вечно“ за српското културно наследство во Унгарија, „Маестро“ документарен филм за руски емигрант кој е дел од српската театарска историја,  „Танакини мостови“ , документарец за Јапонецот кој од 1961, е трајно врзан кон Андриќ, „Моето столетие“, сведоштво за 25-годишното живеење во историјата на Чешката Република.

„Огромен е бројот на поети, писатели, музичари иконописци, градители, филмски режисери и сниматели кои во минатото и денес се инспирирани од Богородица за дела од непроценлива културна и духовна вредност. Љубителите на филмската уметност посакувам во филмовите од фестивалот да откријат духовни и хумани вредности, кои ќе им бидат поттик за лична преобразба или надградба“, истакна на отворањето на фестивалот проф. д-р Јован Таковски, протојереј-ставрофор, почесен претседател на фестивалот.

Од фестивалот е  упатен  и Апел до сите медиумски, филмски и продуцентски куќи  за  поддршка  за прогласување на Меѓународен Медиумски ден на мирот во Обединетите Нации – ОН, кој беше порано со акламација прифатен од Меѓународната Академија на науки и уметности –Emmy Awards во Њујорк.

Во тој ден не би се прикажувале филмови и ТВ програми со убиства, насилие, порнографски сцени, говори на омразa. „Едноставно, во медиумскиот ден на мирот, а во чест на животот, не пуштајте програма, ниту филмови со какво било насилство“, посочува Зорица Костовска, основач и директор на фестивалот, чиј избор на филмови има за цел да придонесе за воздигнување на човечките, духовните  и семејни вредности во општеството. Организатор на фестивалот е Топ ворлд – независна ТВ продукција од Скопје.  Влезот на сите проекции е слободен.