Филмскиот проект „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски доби финансиска поддршка од SEE Cinema Network

45

Долгометражниот филм „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги М. Унковски на продуцентската куќа Синема Футура доби финансиска поддршка од Меѓународната
асоцијација – Филмска Мрежа на Југоисточна Европа – SEE Cinema
Network, информираа од Агенцијата за филм.

„За време на вчерашното Генерално собрание на Меѓународната асоцијација – Филмска Мрежа на Југоисточна Европа – SEE Cinema Network, на кое покрај директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски, беа присутни и претставници од земјите членки од Грција, Албанија, Кипар, Косово, Црна Гора, Романија и Србија се разгледуваа пријавените филмски проекти кои оваа година аплицираа за финансиска поддршка за развој на долгометражен филм. Од вкупно 15 пријавени филмски проекти, претставниците од земјите членки донесоа одлука да бидат поддржани вкупно 8 филмски проекти (по еден од секоја земја-членка), со финансиска поддршка во износ од 9.000 евра“, соопштија од Агенцијата за филм.

Проектот, кој ќе се реализира како македонско-српска копродукција, е дебитантски долгометражен филм на авторот Унковски кој освен во улога на режисер се потпишува и како сценарист на проектот.

Неговиот краткометражен филм „Налепница“, кој ја имаше својата светска
премиера на фестивалот Санденс, беше прикажан на преку 100
фестивали ширум светот, со повеќе од 40 награди.