Прославениот руски тенисер Николај Давиденко откри интересни детали од еден натпревар против Швајцарецот Роже Федерер. Давиденко се присети на мечот против Швајцарецот што го одиграле на Австралија опен, кога тој го освоил првиот сет, но потоа го загубил натпреварот.

Пензионираниот Русин изјави дека Федерер лажел кога го прашал што се случило тогаш во Мелбурн.

-Роже се сеќава дека го победив во Доха, а потоа го освои првиот сет на Австралија опен. Го прашав зошто тогаш отиде во тоалет по губењето на првиот сет кога јас поведов, а тој ми одговори дека не отишол во тоалет. Рече дека му пречело сонцето и дека почекал да зајде. Јас му реков дека тоа не е вистина и дека мора да признае дека јас сум најдобар, откри Давиденко.

Русинот верува дека Федерер ќе се повлече пред остатокот на „големата тројка“.

-Федерер прв ќе го направи тоа. Ќе има 39 години и мислам дека сака да одигра само уште на едни Олимписки игри. Не знам дали сака да игра и на 40 години и да урне некои рекорди, сè ќе зависи од резултатите. Нему му е лесно да дојде до четврт-финалето, полуфиналето и финалето, така што ќе остане во Топ 10. Нема да биде прв, но ќе биде пети, шести…, објасни Давиденко, и додаде:

-Во Шангај зборувавме и рече дека закрепнувањето по натпреварите му трае подолго. Повеќе не му е доволен еден ден туку три-четири. Мислам дека телото не му е проблем и дека сè е во главата. Ако остане фокусиран, ќе остане и на врвот, заврши поранешниот трет тенисер во светот.