Училишен прибор и бонтон за деца за првачињата во Општина Центар

269

Околу 600 првачиња денеска седнаа во училишните клупи во Општина Центар.

Првачињата, информираат од Општината, биле дочакани со пораки за многу успех и добро здравје во текот на целата учебна година, како и со пакетче со училишен прибор и бонтон за деца за добро однесување на училиште и во домот.

– Илустрираниот бонтон содржи повеќе совети за тоа како треба да се однесуваат со соучениците, како да се грижат за инвентарот, а годинава, со оглед на ситуацијата во која ќе се одвива наставата, вметнати се и содржини за правилно миење раце и одржување хигиена додека се во училиште. На сите првачиња, но и на останатите ученици им посакувам среќен почеток на учебната година, да бидат трпеливи и да ги почитуваат здравствените, со цел со заеднички сили да ја надминеме целата ситуација, вели Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

Бонтон изданието е специјално креирано од Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“, додека целокупниот проект е реализиран со поддршка на брендот Алвоген ОРС – производ за брз и ефикасен надомест на течности и електролити.

Како што истакнаа од Општина Центар, проектот „Среќно прваче“, прераснува во традиција, со оглед на тоа што трета година по ред се реализира во сите осум основни училишта на територијата на општина Центар.