Утре пристигнуваат уште три еколошки автобуси

317

Неделава од производителот МАН во Скопје ќе пристигнат уште три од вкупно 33 еколошки автобуси што град Скопје ги најавува за подновување на возниот парк на ЈСП-Скопје. Како што информираат од Градот, ќе пристигнат два зглобни автобуси со капацитет за 149 патници и еден единечен за 81 патник.

Досега во Скопје се стигнати 13 нови еко-автобуси, десет единечни и три зглобни. Новите еко-автобуси во петокот почнаа со пробно возење низ улиците на Скопје и наскоро ќе станат дел од јавниот транспорт. Празните улици беа искористени да се направи обука на возачите кои по официјалното пуштање на автобусите во сообраќај ќе ги возат по петмина дневно. Предвидено е пробно возење да има и во наредниве денови.

– Обуката ја врши сертифициран возач од Хрватска, а се обучуваат по пет возачи дневно – објаснија од ЈСП, но не прецизираат точен датум кога новите автобуси ќе се вклучат во сообраќај.

од ЈСП сè уште немаат утврдено на кои линии ќе сообраќаат новите автобуси, но извесно е дека дел од нив ќе возат на линии со поголема фреквенција на патници.

Од ЈСП обелоденија дека еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра. Притоа, како што објаснија, во цената на секој автобус е вклучено и одржување на автобусите (промена на масло, филтри, лесно отстранливи дефекти…) во гарантниот период од 3 години, како и специјален наменски алат за сервис и одржување на ЦНГ автобуси кој е изработен од специјални материјали (комбинација на пластика, алуминиум и нерѓосувачки челик). Оригиналните резервни делови имаат 2 години гаранција.

Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ-честички. Ќе прават годишна потрошувачка од 16.418 евра.

(А.П.)