УСЈЕ увезува неопасен отпад како алтернативно гориво во печките

327

Менаџментот на Цементарница тврди дека не се причинители за состојбите со амбиенталниот воздух. – Горивото кое го увезуваме и го користиме во цементарницата е од типот РДФ, односно алтернативно гориво добиено од преработка на комунален отпад, по претходна селекција и истото подлежи на контрола од повеќе страни. Оттука, одговорно ви тврдам дека УСЈЕ не горело ниту гори, а и во иднина нема да гори опасно отпадно гориво, изјави директорот Борис Хрисафов, кој ги повика еколошки здруженија да воспостават мониторинг на работењето на УСЈЕ, ама под еден услов, да имаат акредитирани мерни инструменти

Цементарница „УСЈЕ“ во 2019 година увезла 4.400 тони отпад што го искористила како алтернативно гориво во процесот на производство, од кои 870 тони биле лушпи од ориз од Кочанско. Ова претставува 4 до 5 проценти од вкупното гориво (фосилно) што на цементарницата на годишно ниво и е потребно за производство на клинкер.

Главниот извршен директор на „УСЈЕ“, Борис Хрисафов, вели дека увезениот отпад е од Италија и е неопасен бидејќи претходно е направена селекција и се извадени опасните состојки.

– Горивото кое го увезуваме и го користиме во цементарницата е од типот РДФ, односно алтернативно гориво добиено од преработка на комунален отпад, по претходна селекција и истото подлежи на контрола од повеќе страни. Оттука одговорно ви тврдам дека „УСЈЕ“ не горело ниту гори, а и во иднина нема да гори опасно отпадно гориво – изјави Хрисафов на прес-конференцијата свикана со цел, како што рече, да одговорат на неточни информации и шпекулации кои се поврзани со работењето на цементарница „УСЈЕ“.

Тој го објасни процесот на увоз на отпадот и строгата контрола што притоа се врши.

– Првата контрола ја правиме кај производителот на отпадот. Врз основа на анализата на примероците, се издаваат дозволите за транспорт. Кога отпадот ќе стигне кај нас, повторно праќаме примероци во акредитирана лабораторија во Холандија за да се провери тоа што ни го пратиле со фактура одговара на она што е пристигнато кај нас. Ние сме сериозна компанија и сме дел од голема групација, па оттука и отпадот што го увезуваме е од сериозна компанија – вели Хрисафов.  

Цементарницата секоја зима е посочувана како инсталација која придонесува за загадување на амбиенталниот воздух. Оттаму велат дека тоа не е точно и ги повикуваат невладините граѓански здруженија кои се сомневаат во спротивното да дојдат во УСЈЕ и да постават свои мерни инструменти до емисионите точки во кругот на цементарницата.

– Со цел да се уверат во она што го говориме, ќе дозволиме еколошки здруженија да воспостават мониторинг на нашето работење, ама под еден услов, да имаат акредитирани мерни инструменти – рече Хрисафов.

Од УСЈЕ истакнаа дека резултатите од мерењата кои ги вршат потврдуваат дека не постои корелација помеѓу емисиите од цементарницата и квалитетот на амбиенталниот воздух.

– Во зимскиот период, кога воопшто нема производство на цемент, измерените вредности на ПМ-10 се значително повисоки од дозволените, додека, пак, летно време, кога УСЈЕ работи со полн капацитет, концентрациите на ПМ-10 честичките се во рамки на дозволените 50 мг/м3, односно околу 30мг/м3 – велат од УСЈЕ.

Оттаму нагласија дека донесувањето на измените на Законот за управување со отпад со кои ќе се забрани увоз на отпад како гориво, негативно ќе влијае на работењето на цементарницата.

– Ние инвестиравме во инсталации за користење на алтернативно гориво и забраната за увоз на неопасен отпад ќе нè погоди. Ако законот се изгласа ќе го почитуваме, но мора да се има предвид дека ако Швајцарија и Германија го користат алтернативното гориво, зошто кај нас да не се употребува. На тој начин ние можеме само да придонесеме да се намали отпадот на депонијата „Дрисла“ – потенција Хрисафов.

(С.Бл.) – фото: П.С.