„Се приспособивме на околностите. Друштвото на филмските работници на Македонија како основоположник на фестивалот одлучи дека мора да има фестивал. Намерата беше тој да ѝ се врати на Битола. Годинава имаме ОФФ-фест програма и филмови кои се кремот на годинашната програма. Нашата цел е Битола да ја направиме позната во светот преку овој фестивал, имаме извонредно жири, одлични филмови“, истакна меѓу другото Симеон Мони Дамевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“, кое годинава ќе се одржува од 16 до 21 септември во Битола

 

Со проекција на „Сестри“, дебитантскиот филм на режисерката Дина Дума, кој ја доби Специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, на Филмскиот фестивал во Карлови Вари (Чешка), на 16 септември (21 часот) ќе биде отворено годинешново 42. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Битола. Публиката ќе има можност во рамките на програмата да го види и филмот „Северен Пол“ на Марија Апчевска (18 септември) во 18 ч, првиот македонски краток филм кој бил во трка за Златна палма на Канскиот фестивал.

Годинава во официјалната конкуренција ќе има десет долгометражни и исто толку краткометражни филмови. Ќе биде одржана и ревија на македонски документарни филмови насловена „Бисери на македонската документаристика“. На самиот фестивал ќе биде присутен и лауреатот за животен опус и добитникот на наградата „Златна камера 300“, австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, а се очекува и присуство на Жоселин Пук, композиторка на музиката за филмовите на Кјубрик и Скорсезе, која ќе одржи мастер клас за компонирање на филмска музика. Вториот награден лауреат светски познатиот руски сценарист, режисер и продуцент Андреј Кончаловски ќе биде присутен со видеопорака. За наградите пак, ќе одлучува жири составено од британскиот филмски критичар Филип Бергсон, сценаристот Вим Ванакер, продуцентот Суки Меденчевич, режисерката и писателка Соња Просенц и кинематограферот Димо Попов.

Годинешново издание според директорот на ИФФК “Браќа Манаки“ е со скратено хибридно издание под мотото „Покрај сè“ и во знакот на протоколите за заштита од ковид-19.

„Се приспособивме на околностите. Друштвото на филмските работници на Македонија како основоположник на фестивалот одлучи дека мора да има фестивал. Намерата беше фестивалот да ѝ се врати на Битола. Годинава имаме ОФФ-фест програма. Благодарение на Слаѓан Пенев имаме филмови кои се кремот на годинашната програма, а целиот фестивал се организираше од страна на една група луѓе која сакаше сето ова да го реализира. Нашата цел е Битола да ја направиме позната во светот преку овој фестивал, имаме извонредно жири, одлични филмови“, истакна меѓу другото директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.

Тоше Ивановски, координатор на ОФФ-програмата, истакна дека Битола како рамноправен партнер на фестивалот треба да преземе што повеќе предизвици и што повеќе битолчани треба да бидат вклучени.

Интересно е и што за време на одржување на годинашното издание Божидар Божиновски-Моџо, пејачот Виктор Апостоловски, групата „Паркети“ и уште многу други кои одбраа по една филмска тема, ќе седат на промотивен пулт на „Широк сокак“ и ќе раскажуваат филм, слично на раскажувањето кое во минатото го правеле старите битолчани. Во рамки на ОФФ-програмата фотоклубот од Битола ќе има изложба, ќе има и пантомима и сегмент „Живи слики“, потоа филмска музика ќе се изведува на Широк сокак, а ќе има промоција на дела од Ана Јовковска.

„Овде ќе ја истакнам и фонотеката на Сашо Ставрев и неговиот татко кои ќе ја споделат со битолчани и со гостите и посетителите на фестивалот својата богата фонотека создавана низ годините“, истакна Ивановски.

Публиката ќе има можност да види десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на големите филмски фестивали во Берлин, Кан и Карлови Вари. Од нив седум се европски филмови, два се азиски филмови и еден е африкански филм. Меѓу нив се: „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“ во режија на Јухо Куосманен, тандемот Паси-Куосманен ќе биде дел и од овогодишната компетиција со филмот „Купе бр.6“, а ќе ги видиме и филмовите  „Белжика/Belgika”, на режисерот Феликс Ван Гронинген, филмот „Tитан/Titane“, во режија на Жулиа Дукорно, „Најлошата личност на светот“, кој е всушност последен од „Трилогијата од Осло“ на норвешкиот режисер Јоаким Триер…

Во рамките на краткометражната програма пак, ќе бидат прикажани филмовите „Кукла“ – Литванија, „Стефани“ – Белгија, „Во почвата“ – Данска, „Сона“ – Иран, „Крај на страдањето“ – Грција…, како и филмови од Португалија, Литванија, Перу, Италија. (Д.Т.)