Урбаната мафија пикира уште еден зелен простор да бетонира

269

Градежни фирми од поодамна ги пикираат парцелите во делот кај пластениците на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, од Зоолошката градина до спроти „Мида“. Тие се заинтересирани и се подготвени за градба во тој дел, но се на стенд бај. ДУП за тој дел е донесен уште во 2012 година и предвидува изградба на 12 деловни објекти од 6 и 7 ката, со можност да бидат и станбено-деловни згради. Овој простор засега не може да се претвори во градежна зона бидејќи постојниот ДУП треба да се преработи и да се усогласи со Регулацискиот план на Генералниот урбанистички план. Сè додека тоа не се направи, инвеститорите можат само да чекаат

Градежни фирми од поодамна ги пикираат парцелите во делот кај пластениците на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, од Зоолошката градина до спроти „Мида“. Тие се заинтересирани и се подготвени за градба во тој дел, но се на стенд бај. ДУП за тој дел е донесен уште во 2012 година и предвидува изградба на 12 деловни објекти од 6 и 7 ката, со можност да бидат и станбено-деловни згради.

Вкупно треба да се градат 17 илјади квадратни метри што претставува простор колку три фудбалски игралишта. Една третина од оваа градежна зона, односно четири од предвидените 12 згради во планот се исцртани на државно земјиште.

Од Општина Карпош потврдија дека сè уште е на сила Деталниот урбанистички план – Централен градски парк кој го опфаќа наведениот простор и оти тој е донесен уште од 2012 година. Во последно време немало заинтересирани за градење во тој дел и дека планот е нефункционален, иако објаснија дека Уставниот суд го укинал ДУП кој го опфаќа делот покрај булеварот „Илинден“, но тој не се однесува на просторот кај пластениците на ЈП „Паркови и зеленило“, од  Зоолошката градина до спроти „Мида“ .

– Во последниов период нема заинтересирани за градење во делот кој го опфаќа ДУП – Централен градски парк, а зошто е така, не знаеме. ДУП – Централен градски парк е важечки и во овој дел покрај „Илинденска“ има маркици за изградба на деловни згради, нема намена за станбени згради и е достапен на веб-страницата на Општина Карпош, www.karpos.gov.mk. Градот Скопје изработи Регулациски план за тој дел, но Општина Карпош засега сè уште не започнала постапка за донесување на нов ДУП – одговорија од Општина Карпош.

Причината за тоа, како што велат оттаму, е што се работи на други Детални урбанистички планови.

– Комисијата за урбанизам и Партиципативното тело работат на други урбанистички планови кои се приоритет. Во моментов нема постапка за донесување на нов ДУП – децидни се од Општина Карпош. 

Овој простор засега не може да се претвори во градежна зона бидејќи постојниот ДУП треба да се преработи и да се усогласи со Регулацискиот план на Генералниот урбанистички план. Сè додека тоа не се направи, инвеститорите можат само да чекаат.

(А.П.)