Тече рокот за поднесување тужби до Управниот суд откако Државната изборна комисија едногласно ги отфрли сите 2.142 приговори поднесени од партиите за предвремените парламентарни избори.

Тужби до Управниот суд најавија полтичките партии ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, Левица и Интегра. Управниот суд има 60 часа за да одлучи. До синоќа во судот немало пристигнато ниту една тужба од партиите.

„Подготвени сме да примиме тужби од страна на овластени претставници на листите на кандидати за пратеници во текот на денешниот или утрешниот ден, меѓутоа, до овој момент нема поднесено тужби“, рече синоќа претседателот на Управен суд Бурим Сејдини.

Тој изрази надеж дека нема да дојде до блокада на судот, бидејќи се преземени сите активности и мерки за судот да функционира во целиот свој капацитет.

„Извршена е жрепката на советите за одлучување по избори, така што, убедени сме дека Управниот суд ќе успее навремено да ги изврши своите законски надлежности, а тоа е да донесе одлуки по поднесените тужби и да имаме официјални конечни резултати по одржаните предвремени парламентарни избори 2020 година“, изјави Сејдини и додаде „За првпат Управниот суд, како што се најавите, ќе се соочи со оваа бројка на тужби. Моментално сите стручни соработници, сите судии се на располагање, правиме соодветни симулации како да се обезбеди тоа навремено да одлучиме во рокот од 60 часа по приемот на тужбите“.

По одлуката на Управниот суд и добивањето на евентуалните одлуки од Уставниот судот, за заштитата на избирачкото право, во ДИК, согласно законот, Комисијата ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Потоа ДИК ќе им издаде уверенија на избраните пратеници. Крајот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4 август.