УПОЗ бара измена на уредбата за ограничување на исплатата на надоместоци и додатоци за плата

45

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) бара од Владата да ја измени уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плати и од неа освен медицинскиот персонал, полицијата и Армијата, да бидат изземени и вработените во судската полиција, царинската служба, инспекторите, затворската полиција и администрација, шумската полиција и пожарникарите.

– Овие вработени од почетокот на кризата и воведувањето на вондредната состојба се на своите работни места и во целост ги извршуваат своите работни задачи кои опфааќаат теренска работа за санкционирање на правни и физички лица кои не се придржуваат до мерките и уредбите на Владата, обезбедување на институции, установи и лица, контрола на стоки и лица на гранични премини, итн. Извршуваји ги своите работни задачи овие вработени не само што работат повеќе од полното работно време во текот на еден ден, истите работат и во смени, имаат дежурства, работа во празник и неделен одмор, а природата на нивната работа е таква да се во постојан контакт со граѓаните што ги става во ризик да бидат заразени од вирусот Ковид-19, посочува Синдикатот на УПОЗ.

Барањето, како што информираат, е доставено денеска до Владата и со него се бара измена на уредбата веќе на следната владина седница.

Владата на 37. седница донесе уредба со која се ограничи исплатата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор поради вонредната состојба предизвикана од Ковид-19.