Пет домашни и пет странски уметници веќе шести ден творат во срцето на старата Скопска чаршија во рамките на традиционалната ликовна колонија “Скопје“ која започна на 20 август и ќе трае до 30 август.

“Оваа ликовната колонија има големо значење за Градот, но и за уметниците, а самиот факт што се работи за 14. издание зборува за нејзина тежина и амбиција. Целта е да се споделат искуствата на уметниците од разни делови на светот и да се види каде се движи ликовната сцена. Атмосферата меѓу уметниците е инспиративна и се гледа таа различност во творењето. Уметниците кои доаѓаат од странство и работат, но и го запознаваат поднебјето. Дел од нив се веќе при крај со своите дела. Во рамките на колонијата творат квалитетни автори, кои главно се блиски генерациски“, вели реномираниот уметник Христијан Санев, кој за првпат е дел од оваа ликовна колонија.

Како што посочува Санев, темата е слободна, авторите ќе се претставуваат со две дела пред јавноста.

“Авторите го работат она што им лежи. Иако странските автори посочуваат дека она што им се допаѓа е старата архитектура, таа не е претставена на сликите. Па доколку таа е инспирација, претставена е апстрактно“, додава Санев.

За првпат на колонијата учествува и Филип Фидановски, актуелен претседател на Друштвото на ликовни уметници.

“За мене ова е посебно искуство, бидејќи не учествував, но сум врзан за колонијата сентиментално и ја следам од самите почетоци. Авторите тука се изразуваат слободно и без ограничувања“, вели Фидановски.

Во рамките на колонијата творат и Маја Рауник Кирков, Маја Стефановска, Трајче Чатмов, Скендер Бедриу (Косово), Ипек Денизли (Северен Кипар), Мариана Абрамова (Украина), Зузана Ардо (Велика Британија) и Кацпер Дудек (Полска).

Уметниците ги создаваат своите дела во инспиративниот амбиент на хотелот „Арка“, кој, покрај Музејот на Град Скопје, е еден од организаторите на манифестацијата. Ликовната колонија ќе биде официјално затворена со презентација на создадените ликовни дела на 29 август во 20:30 часот во хотелот „Арка“. Тие ќе бидат изложени пред јавноста во рамките на манифестацијата на Град Скопје за одбележување на Денот на ослободување на Скопје – 13 Ноември.

Фото:П.Стојановски