Улично куче ладнокрвно застрелано со пиштол на пешачка патека во Ново Лисиче

385

Настанот кој се случил вечерта од понеделник кон вторник, во МВР бил пријавен од очевидци кои ги шетале своите миленичиња. Оттаму велат дека грозоморниот настан се случил околу 22:30 часот на паркинг позади трговски центар во населбата Ново Лисиче, кога три лица кои биле со патничко возило, со истрел од пиштол застрелале куче скитник. Полициски службеници извршиле увид на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случај. Со реакција се јавија од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ од каде бараат итна истрага и се обраќаат јавно до министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, веднаш, најсериозно да се пристапи кон истрагата за ова и слични дела на насилство врз животни, во случајов насилство врз животни и загрозување на јавната безбедност и сторителот/сторителите да одговараат со казна затвор

(На ова место, на свиреп начин, застрелано е уличното куче)

Во Реонски центар Аеродром, зад трговскиот центар „Лиса“, вечерта во понеделникот кон вторникот на свиреп начин било застрелано куче скитник.

Поголем дел од околните жители не го ни слушнале истрелот, но жителка на Реонски центар Аеродром која, иако не била очевидец, ја потврди случката и видно вознемирена од тоа, за весникот ВЕЧЕР раскажа од тоа што слушнала што се случило.

– Откако слушнав дека се случило такво нешто во населбата, поитав на местото каде што било убиено кучето. Но, тоа веќе не беше таму. Видливи беа трагите со крв дека кучето било влечкано по патеката и во близина на влезовите на најблиските згради, а потоа било фрлено во контејнер – вели жителката.

Самата, полна со гнев заради тоа што се случило, не може да поверува до каде може сè да оди човекот и што сè може да направи на недолжно животно.

Таа вели дека и самата е љубител на кучиња. Чува четири кучиња од кои две ги вдомила за да ги заштити, бидејќи биле со повредени екстремитети и не можеле сами да се снајдат на улица. Кога ги шетала и тие се вознемириле и не можела да ги прибере, бидејќи почнале да трчаат по трагите на крвта од убиеното куче.

(Видлива е крвавата трага од убиеното куче кое е влечено и фрлено во контејнер)

И граѓани на социјалните мрежи пишуваат за ова грозоморно убиство и најостро го осудуваат и бараат одговорност.

– Ладнокрвно застрелано на растојание од пет метри и тоа пред очевидци, соседи кои таму шетале со своите миленици. Тој лик веројатно сè уште си шета низ градов со неговата „играчка“, која е еднакво опасна за сите, а како лесно пресудил, не би се двоумел многу истото да го направи и со луѓе. Одговорност веднаш – коментираат граѓани на Фејсбук.

Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ велат дека се запознаени и се згрозени од овој ѕверски чин кој очевидци веднаш го пријавиле во полиција.

– Бараме итна истрага и се обраќаме јавно до министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, веднаш, најсериозно да се пристапи кон истрага за ова и слични дела на насилство врз животни, во случајов насилство врз животни и загрозување на јавната безбедност. Потенцираме дека таму има и основно училиште, што е уште пофрапантно за случајот кој е индикатор на насилство, психолошка девијација – реагираат од „Анима Мунди“.

Како здружение ги повикуваат луѓето да достават валидни сведоштва и докази за да помогнат во истрагата, за сторителот/сторителите да одговараат со казна затвор. Тие повторно укажуваат дека е неопходна наменска служба – полиција за животни која ќе работи само на оваа проблематика, бидејќи ваквите случаи според нив најчесто се игнорирани.

– Досега сме добивале милион ветувања за формирање на полиција за животни, но исполнување нема – децидни се од „Анима Мунди“.

И од Министерството за внатрешни работи го потврдија случајот.

– На 01.06.2020 во 23:06 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 22:30 часот на паркинг позади трговски центар во населбата Ново Лисиче, три лица кои биле со патничко возило, со истрел од пиштол застрелале куче скитник. Полициски службеници извршиле увид на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот – одговорија од МВР.

(А.П. – С.Бл.)