Улиците ќе останат без украси и светилки, ќе заблеска ли елката на плоштад?

258

Речиси сите скопски општини нема да издвојат дополнителни средства за новогодишно украсување, а причината, како што наведуваат тие, е економската и енергетската криза, како и препораките да се штеди. Градските власти, пак, сè уште молчат околу ова прашање иако ноември речиси заврши. На прашањата дали и на кој начин Град Скопје ќе го украсува Градот и дали, како и вообичаено, ќе се организира традиционалниот настан „Винтерленд“, како и новогодишната програма, оттаму одговорија дека ќе има посебна тематска прес-конференција на која ќе бидат најавени сите активности поврзани за новогодишната прослава, со цел информирање на граѓаните

Скопјани нема да имаат можност да ја почувствуваат  предновогодишната еуфорија, бидејќи овој пат ќе изостане украсувањето на општинските улици, и не се одвоени средства за таа цел од општинските буџети. Единствено што ќе ги обележи претстојните празници се предновогодишните пакетчиња, но и хуманитарните акции со пакети храна за социјално загрозените семејства.

Тоа се информациите од речиси сите скопски општини, а причината, како што наведуваат тие, е економската и енергетската криза, а и препораките на Владата да се штеди. Поради тоа, тие решија да не трошат средства за оваа намена.

Градските власти, пак, сè уште молчат околу ова прашање иако ноември речиси помина. На прашањата дали и на кој начин Град Скопје ќе го украсува градот и дали, како и вообичаено, ќе се организира традиционалниот настан „Винтерленд“, како и новогодишната програма, оттаму одговорија дека ќе има посебна тематска прес-конференција на која ќе бидат најавени сите активности поврзани за новогодишната прослава, со цел информирање на граѓаните.

Високите цени на електричната енергија и препораките на Владата за заштеда на струја се причина Општина Центар оваа година да не предвиди средства за новогодишно украсување и за новогодишна програма.

Со новогодишни светилки и украси нема да блесне ниту Општина Аеродром, но, како што велат оттаму, ќе се обидат да го кренат предновогодишното расположение кај жителите.

– Поради енергетската криза со која се соочува државата, Општина Аеродром оваа година нема да има новогодишно украсување. Изминатите месеци воведовме низа мерки со кои, како Општина, значително ја намаливме потрошувачката на електрична енергија, а во таа насока ќе продолжиме и во месеците што следуваат. Но, сепак, се потрудивме да внесеме предновогодишно расположение кај аеродромци и за таа цел, во декември ќе организираме три фестивали – „Дромфест“, „Винодром“ и „Базарфест“, на кои жителите ќе може да се дружат и претпразнично да се забавуваат во пријатна атмосфера – информираа од оваа локална самоуправа.

И во Карпош не се планира ништо да се украсува.

– Предвидена е традиционалната хуманитарна акција за помош со прехранбени производи и средства за хигиена за социјално загрозените семејства. Сè ќе биде сведено на минимум – е одговорот од Општината.

Во насока на мерките за штедење финансии и електрична енергија, годинава и Општина Ѓорче Петров нема да ги украсува јавните површини.

Но, затоа, како што најави градоначалникот Александар Стојкоски, имаат во план да организираат базар со учениците викендот пред Нова година и со сопствени сили да ги анимираат граѓаните.

Општината Гази Баба, исто така, нема да биде новогодишно украсена, поради економската и енергетската криза.

– Ќе се доделуваат новогодишни пакетчиња на деца од социјално загрозените семејства. Ќе има голема хуманитарна акција со пакети со храна за семејствата од социјален ризик – заклучија од Општина Гази Баба. 

Општина Чаир, пак, годинава ќе ги пренамени средствата предвидени за украсување на јавните места по повод новогодишните празници за плаќање енергенси за греење во основните училишта и во градинките на нејзина територија.

(А.П.)