Од улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало ќе ги избркаат автомобилите

403

Улицата „Мирослав Крлежа“ поранешна („Ѓуро Ѓаковиќ“) во населбата Дебар Маало која минува покрај Министерството за култура, десно од улицата „Орце Николов“ која се реконструира во моментов, ќе биде пренаменета во пешачка и во резиденцијална зона.

Општината веќе распиша тендер за избор на фирма која ќе го реализира  проектот. Како што е наведено во тендерот, ќе се реконструира коловозот на улицата во должина од 500 метри и широчина од 17 метри, односно зафаќа вкупна површина од 8.500 квадратни метри, ќе се постави ново улично осветлување, нова урбана опрема, но и ќе се изведат мали атмосферски канали.

– Улицата ќе биде пешачка и резидентна, односно само за жителите што живеат таму. Таа ќе се затвори за сообраќај за останатите, освен за возилата кои вршат дотур на стока, во периодот од 6:30 до 8 часот – објасни Кире Секуловски, раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште, комунални работи и заштита на животната средина и додаде дека ќе се прави редистрибуција на сообраќајот, за улицата да биде доминантно пешачка.

Секуловски информираше дека при реконструкцијата ќе бидат употребувани природни материјали од травертин и гранитна коцка. Паркирањето, исто така ќе биде резидентно, односно само за околните жители.

– Целта е да покажеме колку е битно местото за човекот, односно да има место за секој човек, а не за возила – потенцира Секуловски.

Идеите ги даваа студенти од Архитектонскиот факултет, под менторство на професорот Михајло Зиноски. Идејните решенија пред една година беа презентирани на Архитектонскиот факултет, а најдоброто решение беше избрано од професори од овој факултет, како и компетентни лица од Општина Центар.

Изведбените работи ќе започнат на крајот на октомври, најдоцна на почетокот на ноември годинава, а улицата ќе биде готова во април, или мај 2022 година. Реконструкцијата ќе ја чини општина Центар 62 милиони денари.

(А.П.)