Улицата „16. Македонска бригада“ ќе добие натпатник и подземен пешачки премин 

412

Улицата „16. Македонска бригада“ ќе добие нов лик. За таа цел, Град Скопје распиша тендер за изготвување основен проект со сите фази за нејзина реконструкција, и тоа на потегот од раскрсницата со булеварот ,,АСНОМ” до пристапната улица за влез во црквата „Свети Архангел Михаил“.

– Со изработката на овој основен проект се предвидува да се дадат проектни решенија за изградба на натпатник, подземен пешачки премин со рампи, сообраќајница, пешачки и велосипедски патеки на коловозот, на потегот за кој се однесува – велат од Град Скопје.

Притоа, додаваат дека со проектните решенија кои би се добиле од јавната набавка, би се овозможила изградбата на наведените сообраќајници, кои би го олесниле протокот на моторниот сообраќај и би се добиле услови за изградба на приклучни сообраќајници, кои гравитираат кон планираниот коридор.

Подетални информации, како што нагласуваат од Град Скопје, би имале по изработката на проектните решенија.

Инаку, проценетата вредност за изработка на основниот проект е 6.000.000 денари без ДДВ.

Сите заинтересирани може да ги достават понудите најдоцна до 5.9.2022 година во 13:00 часот, кога и ќе се одржи нивното јавно отворање.

(А.П.)