Улица долга километар и пол се реконструира, поправа, раскопува, па санира веќе две години

Веќе втора година како се одвиваат градежните активности и проширување на булеварот „Киро Глигоров“. Оваа реконструкција и санација на 1.450 метри од булеварот две години прави огромен застој во редовното одвивање на сообраќајот, бидејќи се работи за еден од пофреквентните патни правци како за жителите од Аеродром и Ново Лисиче. Среде зима се асфалтира и на булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од ОХИС кон Драчево, како и на улицата „Теодосија Гологанов“. Во текот на минатиот месец интензивно се работеше и на асфалтирање на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ на потегот од Железничка станица до раскрсницата кај Народна банка. Стручната фела констатира дека нервозите на граѓаните поради непроодните и раскопани улици, оштетувањата на возилата, чекањето во колони по повеќе од 30-40 минути, доцнењето да се стигне на работа и дополнителното загадување на и така многу загаденото Скопје, ќе биде изгледа уште долги години редовна појава во градот ако не се преземат мерки за решавање на таквите проблеми

232

Веќе втора година како се одвиваат градежните активности и проширување на булеварот „Киро Глигоров“. Се реконструира и санира горниот строј на булеварот од мостот на Вардар (вклучувајќи го и самиот мост), или поточно на потегот од Мак Аутостар, раскрсницата со улицата „Индустриска“ (која најмалку две години е целосно ископана и руинирана), па сè до раскрсницата со улица „Перо Наков“ кај „Бриколаж“.

Оваа реконструкција и санација на 1.450 метри од булеварот две години прави огромен застој во редовното одвивање на сообраќајот, бидејќи се работи за еден од пофреквентните патни правци како за жителите од Аеродром и Ново Лисиче. Овој патен правец е главен за влез и излез од главниот град на државата за жителите кои гравитираат на овој дел од Скопје. 

Застојот, кој претходно беше поизразен во утринските и попладневните часови, кога граѓаните одат и се враќаат од работа, во последно време се случува преку цел ден. За оние кои мораат да се движат по овој пат веќе е нормално потегот од мостот „Близнак“ до раскрсницата кај „Бриколаж’ да го поминуваат повеќе од половина час, иако претходно во најголемиот сообраќај во периодот од 7:30 до 8:30 часот беа потребни помеѓу 5 и 10 минути. Наутро, понекогаш, застојот е толку голем што колоната возила што чекаат се протега и од булевар „Србија“, па често се случува редот да почнува уште од раскрсницата со булевар „Јане Сандански“.

АСФАЛТИРАЊЕ СРЕДЕ ЗИМА

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, неодамна изјави дека градот си ја завршил обврската што ја имале на булеварот „Киро Глигоров“, кај „Бриколаж“ и дека оставено е сега Министерството за транспорт и врски да ја заврши финалната фаза од реконструкцијата, односно асфалтерските работи. Граѓаните пак, никако не можат да најдат оправдување зошто асфалтирањето се одвива во декември и јануари, односно во неповолен период за одвивање вакви градежни работи. А и според сите стандарди и правилници асфалтерските работи треба и мора да се изведуваат во поволен период од годината кога има повисоки температури.

Асфалтерски работи во моментов, среде зима, се одвиваат и на булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од ОХИС кон Драчево, како и на улицата „Теодосија Гологанов“. Во текот на минатиот месец интензивно се работеше и на асфалтирање на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ на потегот од Железничка станица до раскрсницата кај Народна банка. Освен застој во сообраќајот, поради гребење на асфалтот се дигаше огромна прашина и имаше енормно загадување на воздухот.

За жал, кај нас ова е редовна појава. Наместо во поволните годишни сезони за одвивање на градежните работи (доцна пролет, лето и есен),  во градот (па и во државата) наместо да се интензивираат работите и да се работи во две смени (понекогаш и без прекин што е случај во развиените земји), кај нас во лето и есен кога се повисоки температурите се гушиме во прашина и сме соочени со блокирање на сообраќајот на одредени улици и по неколку месеци без да има било какви градежни активности, а улиците и булеварите стојат раскопани и непроодни.

Од стручната фела велат дека не е препорачливо да се асфалтира при ниски температури и дождливо време. Затоа и често ги слушаме коментарите од граѓаните дека одредени улици и булевари треба повторно да бидат санирани или рехабилитирани иако не поминале ни две години од последната таква интервенција.

– Имено, секој кој се бави со градежништво, а да не зборуваме за луѓето на кои ова им е главна професија, знаат дека одредени работи при изградба или рехабилитација на патната инфраструктура бараат одредени предуслови за работ, а пред сè суво и топло време. Односно, за изведба и поставување на асфалтните слоеви мора да се исполнат одредени прецизно дефинирани технички услови и барања во однос на температурата, подлогата, транспортот и вградувањето на асфалтот во зависност од типот на асфалтните слоеви. Подлогата преку која се поставува асфалтниот слој (независно дали се работи за тампонски слој, стар или нов слој на асфалт), треба да биде чиста и сува, по потреба испрскана со соодветна емулзија. За долните слоеви на асфалт (наречени носиви асфалтни слоеви), минималната температура на воздухот и подлогата не треба да бидат пониски од 5 степени Целзиусови, а за завршните (односно т.н. носивите слоеви на асфалти) покрај условите за подлогата, температура на воздухот не треба да бидат пониски од 10 степени Целзиусови. Дури за одредени типови на асфалт литературата препорачува и уште повисоки надворешни температури – за весникот ВЕЧЕР објаснува градежен инженер со над 30-годишно искуство во градењето патишта во земјава и странство.

За изведбата на асфалтните слоеви на булеварот „Киро Глигоров“, тој вели дека ниту еден од потребните технички услови за асфалтирање не е исполнет.

– Работите да бидат уште полоши, покрај ниските температури, кои во утринските часови се нешто над нулата – помеѓу 2-3 степени Целзиусови, се асфалтира и кога врне или кога претходниот ден имало врнежи од дожд. Во тој случај, подлогата -тампонскиот слој и асфалтот се заситени со вода или се толку влажни да ниту еден стручен кадар не би одобрил или започнал со асфалтирање – вели тој.

На булеварот „Киро Глигоров“ цело лето и есен практично и да немаше никакви градежни активности. Дури во декември 2022 година почнаа некакви поинтензивни работи. Асфалтирањето на булеварот започна во втората половина на декември и сè уште трае иако температурите се ниски и има врнежи од дожд.

– Секој кој одреден дел од животот поминал во некоја од развиените европски земји кон кои се стремиме и сакаме да се приближиме, бил на пропатување или одреден период престојувал во некоја од тие држави, забележал (барем во градовите) дека реконструкција или рехабилитација на градски улици се работи во лето (во туристичките места најчесто во пролет) и тоа со таков интензитет и без пауза во текот на 24 часа. Па, така буквално преку ноќ, или за многу кус временски период од неколку дена се изведуваат овие работи и тоа на потези кои не се помали од споменатата делница која се прави веќе втора година на булеварот „Киро Глигоров“ – констатира нашиот соговорник.

НАЈНИСКАТА ПОНУДА НЕ Е НАЈПОВОЛНА

И како клучно се поставува прашањето зошто е тоа така во нашата држава, кога најголемиот дел од луѓето дури и кои не се дел од градежниот сектор знаат дека ваквиот начин на работа не е во ред и дека нешто мора да се промени.

– Може да се дадат два одговора. Првиот е дека работата ја изведуваат, ја водат и управуваат луѓе кои се недоволно или целосно нестручни и непрофесионални, па не ја познаваат работата што ја работат, што е малку чудно ако се знае дека условите на тендерите за работа бараат и се избираат стручни компании со искуство. И вториот одговор, што е исто така издржан, е дека компаниите кои ги договориле работите за изведба немаат капацитет да ги завршат сите преземени обврски во текот на годината. Парите предвидени да одредени проекти во случај да не се потрошат во планираната година треба да се вратат во градскиот буџет за наредната година. Во тој случај, компаниите се присилени во последните денови од годината да завршат што е можно повеќе работа (понекогаш и во наредната година) за да можат да ги испостават фактурите за наплата пред завршување на фискалната година – вели нашиот соговорник.

Според него, проблемот колку е во македонските компании што се вклучени во градбата и реконструкцијата на улиците во градот Скопје (а не е ништо поразлично и во другите градови), повеќе е во стручните служби на град Скопје и на луѓето кои се одговорни за начинот на финансирање на таквите проекти, но и на стручните луѓе од градежната фела чија работа е следење и надзор на квалитетот на работата на компаниите што ја изведуваат градбата.

– И сè додека не се постават стручни и професионални луѓе на соодветни позиции во градот и државата, кои ќе направат промени на таквата пракса, граѓаните ќе мора да чекаат со часови за да стигнат до своите работни места или предвидената дестинација и тоа со денови и месеци, а тоа и те како влијае на нивниот личен буџет, губење на време и сигурно и на зголемување на загадувањето во градот кога наместо 15-20 минути се патува за двапати или трипати подолго време. А градот поради неквалитет на изведените работи за многу кус период ќе мора повторно да обезбедува средства на нови реконструкции на улици и булевари кои веќе биле санирани – дециден е нашиот соговорник.

Тој објаснува дека не секогаш најниската понуда на тендерите за реконструкција на улиците е најповолна.

– Еднаш мора да разбереме дека најважен услов е квалитетот на извршените работи и временскиот рок за кој таа работа ќе се заврши. И тоа траба да биде услов што секој треба да го почитува и запази и според кој ќе се оценува подобноста на некоја компанија да ја добие работата. Секое доцнење и неквалитет само генерира додатни трошоци на градот кој на крај го плаќаат граѓаните. Нервозите на граѓаните поради непроодните и раскопани улици, оштетувањата на возилата, чекањето во колони по повеќе од 30-40 минути, доцнењето да се стигне на работа и дополнителното загадување, на и така многу загаденото Скопје, ќе биде изгледа уште долги години редовна појава во градот ако не се преземат мерки за решавање на таквите проблеми – констатира нашиот соговорник.

(С.Бл.)