Украдени батериите на соларното дрво на Кејот на Вардар

173

Уништен е дел од опремата околу соларното дрво на Кејот на Вардар. Скршен е ормарот во кој се сместени уредите, при што е украдена внатрешната опрема и батериите за работа на ова соларно дрво (полнење на електрични тротинети и други е-уреди).

Како што информираат од Општината Карпош, овој вандалски чин е направен деновиве, а штетата изнесува околу 120 илјади денари.

– Во изминатиот период сведоци сме на свесно уништување на новопоставената урбана опрема во Општина Карпош, крадење на украсни растенија и новозасадени дрвја. Општина Карпош бара одговорност за сторителите и ги повикува надлежните институции да преземат мерки за санкционирање на овие вандалски чинови – велат од локалната самоуправа и додаваат дека најголемиот дел од уништените добра се набавени со пари на граѓаните, буџетски средства, и затоа треба сите да бидеме одговорни и свесни за тоа што го правиме.  Деструктивните активности имаат за цел да креираат слика на нефункционалност на локалната самоуправа, но штетата што се прави е колективна. Ништо нема да не поколеба во намерата да продолжиме да работиме за Карпош кој оди напред, со нови идеи и енергија, а не со вандализам и деструкција – потенцираат од Општина Карпош.