Ако судиме по досегашниот дел од сезоната, фудбалерите на Вардар се на добар пат да ја прекинат двегодишната доминација на Шкендија во домашното првенство. По завршената полусезона, „црвено-црните“ ќе презимат на првото место на табелата со осум бода предност во однос на главниот конкурент за титулата, тимот од Тетово.

Најтрофејната екипа во Македонија сезонава игра одлично, а ја краси тимската игра на релативно младиот состав, која го има на располагање тренерот Александар Васоски. Еден од оние кои посебно се истакнаа во досегашниот дел од сезоната е секако Даниел Аврамовски, кој со десет погодоци е лидер на листата на стрелци во ПМФЛ. По одличните настапи во дресот на Вардар, сосема заслужено доби повик за настап во А – репрезентацијата, а воедно постојано пристигнуваат понуди на негова адреса за промена на клупската средина, но според неговите зборови засега не размислува да се оддели од „црвено-црното“ семејство.

Затоа, дневниот весник ВЕЧЕР одлучи да направи интервју со Аврамовски, кој меѓу другото ни откри и за своите очекувања од претстојниот мартовски натпревар на Македонија против Косово во рамки на плејофот во Лигата на нации, што за нашата земја е од историско значење кога е во прашање пласманот на Европското првенство 2020 година.

ФОТО: Петр Стојановски

Колку сте задоволни од досегашните резултати на Вардар во есенскиот дел од сезоната?

Иако на почетокот прогнозите не беа добри за Вардар, речиси сите го коментираа тоа, покажавме дека со дисциплинирана игра можеме да направиме нешто, па дури можевме и повеќе од ова што е во моментов. Сега сме поискусни за 15-16 натпревари и може да се очекува уште подобра игра од нас. Доколку таа забрана од УЕФА која ја имаме – се укине, и доколку челниците донесат уште 2-3 нови имиња во составот, Вардар ќе биде одличен и верувам дека ќе успееме да направиме нешто повеќе во квалификациите за ЛШ.

Дали Вардар прикажува подобри игри кога на хартија ја нема фаворитската улога?

Во оваа ситуација испадна дека е така. Но, нам тоа ни дава поголем мотив. Пофалните зборови како што се во моментов ни даваат мотив плус. По добрата полусезона јавноста се крена на нозе, а воедно и „Комитите“ направија одлична атмосфера на трибините на последниот меч со Шкендија. Сепак, мислам дека фалеше повеќе публика на стадионот, бидејќи ние го заслуживме тоа. Мислам дека и медиумите треба повеќе да работат на тоа публиката да се врати на стадионите. Треба да се дигне фама за секое дерби, за секој меч, за гледаноста да се подигне на едно повисоко ниво.

Вардар има солидна предност пред почетокот на вториот дел од сезоната. Дали сметаш дека Шкендија и понатаму ќе биде вашиот главен конкурент кога е во прашање титулата или тука би ја ставил и екипата на Академија Пандев?

Осум бода разлика, но Шкендија е квалитетен тим, исто како и Академија Пандев. Во досегашниот дел од сезоната, неколку екипи покажаа дека се доста квалитетни. Заедно со овие неколку тима би го споменал и Силекс, кој одигра одличен натпревар со нас. Но, сметам дека Шкендија ќе ни биде главен конкурент за титулата и не смееме да ја отпишеме во ниту еден момент. Нам ни преостанува да продолжиме со работа, да бележиме уште подобри резултати и да ја задржиме предноста, а на крајот сите да се радуваме. Имаме уште многу тешки натпревари до крајот на сезоната.

Дали оваа лига заслужува да има уште неколку тимови со кои би се подигнал квалитетот во неа?

Така е… Прво нешто што ми доаѓа на памет е дека треба да има тим од Прилеп, тоа е фудбалски град, потоа од Битола, Кавадарци… Можеби треба да дојде до зголемување на лигата, пред се поради тоа што во помалите места навистина се следи фудбал, а тоа најдобро можеме да го видиме од нашите гостувања, но главен акцент ќе ставам на инфраструктурата на терените. Факт е дека кога играме на подобар терен, квалитетот на игра е далеку подобар. Кога би се реализирало сето тоа и публиката ќе се врати на стадионите. Исто така неопходно е секој стадион да мора да има рефлектори. Тоа не е голема инвестиција, а секако ќе го подобри квалитетот на оваа лига.

Каде се гледаш во блиска иднина, во Вардар или во некој клуб надвор од Македонија?

На секој фудбалер целта му е да напредува и да игра во некое од големите првенства, така и мене. Но, кога пристигнав во Вардар од Олимпија, овој клуб испадна премногу фер кон мене и јас сум целосно фокусиран на Вардар и не мислам за ништо друго. Со овој тим можеме уште многу да постигнеме, па затоа би сакал да останам во клубот. Вардар е голем клуб, а фудбалерите кои моментно се во него заслужуваат голем респект. Изминативе денови пристигнаа бројни понуди за мене, еден агент ми се јави, не сакам да го именувам бидејќи не е ништо конкретно, но ако пристигне некоја понуда поволна за сите три страни, можно е да го напуштам тимот, иако не размислувам за такво нешто. Овие денови сакам да одморам од сè што е поврзано со фудбалот, бидејќи имавме навистина напорна полусезона.

Очигледно е дека ти одговараат натпреварите против своите поранешни клубови. Сезонава на Работнички му даде три голови на два натпревари, дали има посебен мотив кај тебе за овие дуели?

Па може да се каже дека е така, иако сметам дека подеднакво се подготвувам за сите противници. Против кој тим и да играм, головите ќе си ги прославувам, нема зошто да го кријам тоа. Јас едноставно имам коректен односот со сите нив.

Дали некогаш би потпишал за лутиот ривал на Вардар, екипата на Шкендија?

Околу ова прашање ме контактираа пред некое време, ме прашаа дали би потпишал за нив доколку добијам милион евра. Јас не сакам да кажам ништо лошо за ниту еден клуб. Едноставно јас сум професионалец и ги респектирам сите клубови, не ги гледам политички, ниту пак национално. Еве, за овој медиум ќе откријам дена во овој момент не размислувам за потпис со Шкендија. Мислам дека пред се сме луѓе, а потоа спортисти, затоа не сакам никого да навредам. Шкендија има наши репрезентативци и мислам дека е некоректно да не зборувам за тим во кој играат мои соиграчи од националниот тим.

Која лига најмногу одговара на твојот стил?

Уште од мали нозе ја следам италијанската лига и би сакал еден ден таму да заиграм. Но, ако зборуваме за стилот кој ми одговара, ќе кажам за Холандија и Шпанија. Таму се негува игра која е поубава за око. До сега имав една понуда од Шпанија, кога ги бранев боите на Црвена звезда, бевме во преговори со екипата на Осасуна. Но, не успеаја да се договорат, па од таму заминав во Олимпија. Од тимот сметаа дека малиот број на натпревари може да бидат голем хендикеп за да се пробам во една од најдобрите лиги, а во Олимпија местото ми беше загарантирано. Поради тоа отидов во Словенија.

Дали натпреварот на Македонија против Косово е клучен кога е во прашање подемот на репрезентацијата?

Секако дека е еден од оние два клучни натпревари. Македонската репрезентација покажа на последните натпревари дека навистина поседува голем квалитет. Сметам дека дуелот против Косово ќе биде вистински тест за нас, да видиме кој колку вреди. Со оглед на тоа дека се игра кај нас, се надевам на голема поддршка од страна на навивачите. Верувам дека ќе успееме да направиме одличен резултат со кој би се пласирале во финалниот меч.

Ако успееме да испишеме историја, која група би ја посакал, со оглед на тоа дека можни се две сценарија?

Зависи од кој аспект гледаме. Ние играчите секогаш би сакале да играме против посилните ривали, да видиме до каде сме ние. Но, можеби би било подобро да играме во полесната група. Меѓутоа, која група и да се падне, секако доколку го остварите тој историски успех, ќе дадеме сè од себе за да забележиме што е можно подобри резултати.