Кошаркарите на ТФТ Скопје му го нанесоа првиот пораз на Пелистер сезонава во домашното првенство, откако во заостанатиот натпревар од третото коло славеа на домашен терен со 97:82.

Домаќинот до победата дојде благодарение на третата четвртина која ја доби со 30:13, додека во преостанатите три одлично се држеше со тимот од Битола.

Целата прва петорка на ТФТ одигра одлично, постигна 67 од вкупно 97 поени, а најефикасен беше Лахлан Андерсон со 23 поени и 11 асистенции. Два помалку постигна Страхил Николов, додека на спротивната страна Чез Вилијамс запиша 21 кош.

По девет одиграни натпревари, Пелистер останува прв на табелата со 17 бода, два повеќе од Академија ФМП и три повеќе од денешниот нивни ривал ТФТ, кој има и натпревар помалку.

Денеска се одиграа уште три средби во домашното првенство, а на нив до победа дојдоа Академија ФМП над Црн Дрим со 65:86, Кожув беше подобар од Вардар по продолжение со 86:82, а триумфираше и Гостивар против Куманово со 91:83.

ФОТО: Петр Стојановски