Трпение: „Васил Ѓоргов“ ќе се реконструира цели 45 дена!

1472

Градските власти денеска почнаа со реконструкција на улицата „Васил Ѓорѓов“ во Капиштец, на потегот од „Рузвелтова“ до улицата „Водњанска“. Оваа улица е една од главните сообраќајни артерии во населбата Капиштец, што води кон центарот на градот.

Како што објасни скопскиот градоначалник Петре Шилегов, реконструкцијата опфаќа обновување на коловозот во должина од околу 1.000 метри, санирање на оштетените делови од тротоарите, замена на оштетените рабници, како и корекции на крстосницата со „Рузвелтова“. Вредноста на проектот е околу 20 милиони денари со вклучен ДДВ, а реконструкцијата треба да биде завршена во рок од 45 дена.

– Реконструкцијата на улицата „Васил Ѓоргов“ е тринаесетта по ред која Градот ја започна во оваа градежна сезона, а дел од улиците што ги започнавме веќе влегуваат во финалната фаза на бележење на хоризонталната сигнализација. Сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани за покажаното трпение и разбирање за неопходноста од ваквата интензивна градежна офанзива -потенцираше Шилегов.

Досега Градот, освен „Васил Ѓоргов“, започна да ги реконструира и улиците „Есенинова“, „Востаничка“ (на потегот од улицата „Црниче“ до улицата „ Свети Наум Охридски“) во Кисела Вода, улицата „11 Октомври“ на потегот од крстосницата со булевар „Кочо Рацин“, до крстосницата со улицата „Стив Наумов“, заврши втората фаза од улицата „Благоја Стефковски“, на потегот од улицата „Пеко Наков“ до кино „Маџари“, а минатата година беше реконструиран потегот од Триангла до свртувањето кон улицата „Перо Наков“, а во третата фаза ќе се реконструира потегот од кино „Маџари“ до пругата Скопје-Белград.

Исто така се реконструира и булеварот „Александар Македонски“ во должина од 5.300 метри. Реконструкцијата се одвива фазно, а на терен се работат 3 од вкупно 4 фази.

Потоа булеварот „Никола Карев“ (фазна реализација до Момин Поток), булеварот „8 Септември“ на потегот од булевар „Илинден“ до улицата „Скупи“, улицата „Никола Карев“, на потегот од крстосницата со улицата „Трета македонска бригада“ до булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, улицата „Македонско косовска бригада“ во Чаир на потегот од раскрсницата со булеварот „Никола Карев“ до раскрсницата со улицата „Втора Македонска бригада“, улицата „Џон Кенеди“, исто така во Чаир, на потегот од булеварот „Македонско косовска бригада“ до булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“.

Воедно, се реконструира улицата „Никола Парапунов“ во општина Карпош, на потегот од булевар „Илинден“ до булеварот „Партизански одреди“, втората делница од улицата „Лазар Личеноски“, на потегот од СРЦ „Кале“ до крстосницата со булеварот „Никола Карев“, потоа „Боца Иванова“ во Бутел на потегот од кружниот тек до улицата „Лазар Трповски“, како и булеварот „Видое Смилевски Бато“ во Ново Лисиче, на потегот од крстосницата со булевар „Србија“ до улицата „Февруарски поход“.

(А.П.)