EPA-EFE/Biel Alino

Викендов стартува новата сезона во Мото ГП-шампионатот, а првата трка сезонава ќе се вози на патеката „Алгарве“ во Портимао, Португалија.

Идентично како и во Формула 1 така и во Мото ГП нè чекаат рекорден број трки, како и долгоочекуваниот спринт, па пред љубителите на мотоциклизмот е загарантирано најдобрата сезона во историјата на „кралската“ класа. Во текот на годината, 22 возачи ќе се натпреваруваат на 21 трка, а секоја сабота ќе има и спринтерски трки.

Во сезоната што ветува дека ќе биде повозбудлива од кога било, ќе учествуваат дури 13-мина светски шампиони, а меѓу нив се Бањаја (2022- Мото ГП), Фабио Квартараро (2021 – Мото ГП), Џоан Мир (2020 – Мото ГП), Марк Маркез (2019 – Мото ГП), Аугусто Фернандез (2022 – Мото2), Енеа Бастијанини (2020 – Мото2) Алекс Маркез (2019 – Мото2)… Сето тоа дополнително треба да ја зачини и онака традиционално драматичната борба за титулата, како што видовме во претходните сезони.

Под најголем притисок ќе биде актуелниот шампион Франческо Бањаја од Дукати, а негови најголеми ривали за титулата ќе бидат Фабио Квартараро од Јамаха, Алеиш Еспаргаро од Априлија и тимскиот колега Енеа Бастијанини. Секако, шансата за престол не смееме да му ја одземеме ниту на осумкратниот шампион Марк Маркез од тимот на Репсол Хонда. По четири операции во претходните три години, бројот „93“ се враќа во полн сјај. Нема сомнеж дека има само еден мотив – да ја освои деветтата светска шампионска титула. Инаку, од оваа сезона, тимски колега на Маркез ќе му биде шампионот од 2020 година, Жоан Мир.

Најголема новина во шампионатот е воведувањето спринтерски трки, кои ќе се возат за време на секое гран-при. Секоја сабота за време на 21 тркачки викенд, ќе се одржуваат трки двојно пократки од главните настани. Претходно ќе се водат квалификации, кои ќе одлучуваат за редоследот пред спринтот, но и за главната трка.

Сегашниот систем на бодување за трките останува ист, па возачот ќе може да освои најмногу 37 поени во текот на еден викенд и 777 во текот на целата сезона.

Што се однесува до техничките правила, тие се, главно, исти како и за главните трки, со тоа што количината на гориво ќе биде ограничена на 12 литри за време на спринтерските трки, како и 22 литра за гран-при настаните.