Тимоние: Случајот „Рекет” да се води без пардон, без разлика до кого ќе стигне истрагата!

Амбасадорот Тимоние смета дека случајот „Рекет” треба да се води без пардон, без разлика на тоа каде и до кого ќе води истрагата. Тој во изјава за весникот „Вечер” вели дека е оптимист дека има уште време да се поправи сè, особено за да се врати довербата кон системот од страна на граѓаните, а особено кај меѓународните партнери и предупредува во моментот да не се упропасти сè. Тимоние предупредува дека е важно да не се објавуваат произволно имиња во јавноста затоа што ќе се случи своевиден масакр од кој никој нема да биде поштеден

430

Не сакаме Македонија да биде шпанска серија туку очекуваме од Македонија да биде одговорен партнер, вели францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, во изјава за весникот „Вечер“, осврнувајќи се на случајот „Рекет”. Тимоние посочува дека во контекст на овој случај, се објавуваат многу работи, не се знае што е точно, што не, но постои правна рамка која што треба да се искористи за да го расветли сето тоа и не е возможно да се кријат работите под тепих. Амбасадорот апелира на почитување на пресумпцијата на невиност. Тој е дециден дека е неопходно да се покаже дека институциите функционираат и смета дека има време да се постигне тоа до месец октомври кога земјите-членки на ЕУ ќе одлучуваат за доделувањето датум за преговори на ЕУ со земјава. Во спротивно, предупреди францускиот амбасадор, потоа ќе треба да се сносат последиците.

-Ако го земете целиот список што треба да се испорача, особено од областа на владеењето на правото, го имате списокот за кој ќе се разговара дали е постигнат одреден напредок. Го имате прашањето за слободата на медиумите, а со тоа е поврзано прашањето за онаа телевизија која беше основана под сомнителни околности. Потоа го имате прашањето поврзано со корупцијата, прашањето за судството кое исто така е во списокот, прашањето за одвојување на државата од политичките партии… Сите тие прашања фигурираат во списокот на обврски и се вклучени во оваа афера („Рекет”) и не можам да ви кажам повеќе. Дали ќе може сето ова да се реши и тоа во целосна транспарентност до месец октомври не знам, но сепак ќе може да видиме како властите се носеле со оваа криза и како се искористиле сите ресурси за да се реши истата, изјави амбасадорот Тимоние за весникот „Вечер”.

Тој е оптимист дека има уште време да се поправи се, особено за да се врати довербата кон системот од страна на граѓаните, а особено кај меѓународните партнери и предупредува во моментот да не се упропасти сè.

– Да видиме дали целокупниот нов дух кој беше воспоставен пред две години и желбата да се оди напред соодветствува со реалноста и со вистината. Воопшто не ја потценувам и дозата на храброст која ќе биде потребна за да се постигне тоа, затоа што во игра се многу важни работи. Важно е да не се објавуваат произволно имиња во јавноста затоа што ќе се случи своевиден масакр од кој никој нема да биде поштеден. Помеѓу докажан чин на корупција и невнимание има сепак огромна разлика. Со тоа се изложуваме да се појави недостаток на доверба кај граѓаните, што е лошо за секаков демократски систем, особено во поглед на желбите и настојувањата да се создаде европски систем, вели францускиот амбасадор во земјава.

Амбасадорот Тимоние смета дека случајот „Рекет” треба да се води без пардон, без разлика на тоа каде и до кого ќе води истрагата.

-Постои силно барање да се расчисти ова од страна на граѓаните, но и од страна на меѓународните фактори, особено поголемите и главни партнери на земјата и во тој поглед изјавата на мојата американска колешка кажа се, вели амбасадорот Тимоние во изјавата за весникот „Вечер”.

Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Брнс пред неколку дена во првото интервју кое го даде за телевизија „Алсат“ откако стапи на должност, изјави дека САД поддржуваат темелна, брза и транспарентна истрага во сите случаи каде што постојат тврдења за корупција и злоупотреба на функцијата и апелираат премиерот Заев да побара одговорност од сите владини претставници и да гарантира дека без оглед на нивото на функцијата, луѓето треба да имаат доверба во владините институции.

Помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер, која во петокот имаше средби со македонскиот државен врв ја повика опозицијата да покаже конструктивност за законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство и порача дека времето за политички игри веќе е поминато.

Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан за време на посетата во земјава во четвртокот исто така порача дека клучно за добивање датум во октомври е да се усвои законот за јавно обвинителство кој нуди важни гаранции за владеење на правото, да продолжат реформите во правосудството и борбата против корупцијата. Хан е дециден дека мора да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција во борба против корупција и организираниот криминал.

Премиерот Зоран Заев во петокот по средбата со Рикер изјави дека посакувано решение за законот за ЈО е да биде донесен со консензус со опозицијата, зашто во спротивно, вели, државата ќе биде во непријатна состојба да се изнаоѓаат други можни решенија. Заев истакна дека треба да се изнајде законско решение кое  никако нема да дозволи да се нарушат црвените линии, а тоа е владеење на правото, гарантирање на иднината на СЈО, но и создавање на Лекс специјалис – законот за јавно обвинителство кое навистина ќе ја гарантира правната држава и владеење на правото. Премиерот се повика на конструктивноста на власта која, како што рече, прифатила сериозни конкретни сугестии од опозицијата кои се веќе вградени во ново предлог-законско решение.  (В.С.Н.)