Театар: „Пантаглез“ – манипулација до самиот крај

109

„Пантаглез“ на Мишел Де Гелдерод, а во режија на Владимир Милчин е театарската претстава која публиката ќе може да ја види на 13 декември, со почеток од 20 часот во Драмски театар.

„Главниот лик Пантаглез, половина филозоф, а половина кловн, без да сака и без да биде свесен е вовлечен во една група револуционери. Чаплиновското маженце Пантаглез, кој, не претчувствувајќи ништо, со баналната реченица за убавиот ден ќе предизвика револуција во чиј центар ќе се најде и ќе биде стрелан.Тој умира како марионета, манипулиран до самиот крај од силите кои никогаш не можел да ги разбере. Човештвото и денес страда од болеста на заборавот и тоа го плаќа скапо и крваво. Една од мисиите на театарот е да го потсетува човештвото на неостварените и/или злоупотребените идеали, како и на заблудите кои ги заслепуваат и онеспособуваат луѓето“, ќе посочи режисерот Владимир Милчин кон претставата во која улогите ги толкуваат Зоран Љутков, Соња Стамболџиоска, Лазе Манасковски, Стефан Вујисиќ, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Игор Георгиев, Предраг Павловски, Филип Трајковиќ, Жарко Јовановиќ, Симон Манасковски, Стефан Петровски и Никола Ристески.