Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури оствари изненадувачки тешка победа над Ото Валин на меч што се одржа во Лас Вегас.

„Кралот на циганите“ победи на поени (116:112, 117:111, 118:110) против цврстиот Швеѓанец по 12 исцрпувачки рунди што ја оставија публиката без здив.

Ова е 29-ти триумф во професионалната кариера на Фјури од вкупно 30 натпревари. Тој продолжува да е непобедлив, а единственото негово реми е против Дионтеј Вајлдер кон крајот на минатата година. Двајцата се очекува да се борат повторно во февруари 2020 година.

Поразот е прв за Валин во професионалниот ринг по 20 победи досега. По објавувањето на одлуката на судијата, двајцата си поделија комплименти, а Фјури рече дека со нетрпение го очекува натпреварот со Вајлдер.