Тафталиџе од мирно маало стана преполно со автомобили паркирани по улиците

1047

Преполни улици со автомобили паркирани од двете страни, немање паркинг, небезбедни тротоари за пешаци, топлотни острови како последица на сè повеќе бетон, а исчезнување на зеленило. Ова е сликата од населбата Тафталиџе. Жителите велат дека секој си прави што сака, паркинзи на јавен простор, депонии за остатокот од реновирање по дома, но и бесплатен хорор-адреналински парк за околните деца

Преполни улици со автомобили паркирани од двете страни, немање паркинг, небезбедни тротоари за пешаци, топлотни острови како последица на сè повеќе бетон, а исчезнување на зеленило. Ова е сликата од населбата Тафталиџе.

Ова што се случува во оваа населба како што велат жителите на Карпош е како резултат на тоа што при планирање на просторот, планерите се водат првенствено од апетитите на градежниците за што поголем профит. Карпошани во рамки на фејсбук-групата Независни за Карпош – За заштита на Карпош објаснуваат дека проблемот е што има уште простор за градење.

– Укинувањето на ДУП за З 06 требаше да овозможи со новите планови да се исправат сите овие грешки и да се овозможи колку-толку нормален живот на сите оние постојани, но и новодојдени жители на овој простор – реагираат граѓаните.

Тие го посетиле просторот кој останал неизграден, од З 06, блок 05 и блок 06. Тоа е делот помеѓу големите згради на Прашка, на потегот од гимназијата „Нова“ кон Алумина.

– Поголем дел од живеалиштата се напуштени, но има и значителен дел кој сè уште живеат таму опкружени со нешто што треба да личи на градилиште од една страна, a од друга страна e современ станбен комплекс – опишуваат карпошани.

Тие прашуваат дали градилиштето треба да постои, со оглед на тоа што се нема дозвола за градба, а ги повикуваат инспекциските служби на општина Карпош тоа да го проверат. Но, како што велат, така е повеќе од година ипол, необезбедено, со лесен пристап од сите страни.

– Оставено е така, секој си прави што сака, паркинзи на јавен простор, депонии за остатокот од реновирање по дома, но и бесплатен хорор – адреналински парк за околните деца – потенцираат жителите.

Од Општина Карпош одговорија дека на посочената локација имало одобрение за подготвителни работи на инвеститорот „Трим и Лум“ и дел од просторот е ограден во подготовка за градење, но градежна инспекција го затворила градилиштето и на инвеститорот му е поништено одобрението за подготвителни работи.

Од таа причина, на лице место сега, дел од градилиштето е заграден, а дел е отворен бидејќи доколку се огради целиот простор што би требало да биде градилиште, би се затворил пристапот на куќите кои се наоѓаат зад таа парцела – објаснуваат од Општина Карпош.

Како што нагласуваат оттаму, поради тоа што во овој момент не е возможно да се огради целата парцела и да се заштити, таа се полни со ѓубре и отпад.

 -Бидејќи Одобрение за градење нема во овој момент, ситуацијата на терен е онаква каква што е затекната при поништување на одобрението за подготвителни и затворањето на градилиште. Посочената локација е во приватна сопственост, и во однос на отпадот кој се собира таму, овластениот инспектор за животна средина ќе излезе на терен и доколку има услови ќе поведе инспекциска постапка и ќе му наложи на сопственикот да ја исчисти парцелата – децидни се од инспекторатот на Општина Карпош.

(А.П.)