Тажно: На 61. година од животот почина маестро Милан Завков

2229

хармоникаш, композитор, инструменталист, првенец на „Танец“Како врвни хит-мелодии кои ги потпишува Милан, ќе ги паметиме и слушаме засекогаш: „Заиграј со мене” со Виолета Томовска, „Нема друга Македонија” со Војо Стојаноски, „Лична Јовано” со Наум Петрески, „Мораш душо да ме разбереш” со Благица Павловска, како и песните кои тој ги создаде за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Елена Георгиева, Блага Петреска, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски и други….

 Многубројни пејачи, естрадни работници, неговите колеги, пријатели, композитори и воопшто речиси сите музички имиња и познати личности од Македонија се збогуваат со изливи на најискрено сочувство по повод прераната смрт на Милан Завков, омилен и почитуван врвен македонски хармоникаш, инструменталист, композитор, првенец на „Танец“ и пред сè добар човек.

Завков, овој свет го напушти во својата 61. година од животот. Замина најголемиот, порачуваат тие во знак на сеќавањата на Милан. Идолот на многу генерации, доајен на македонската музика и најскромен човек кој го познаваа. Нивниот бесмртен маестро од кој уште долго ќе учат.

Завков зад себе остави навистина пребогата кариера. Како мал уште на 8-годишна возраст почнува да свири хармоника, а веќе на 14 години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец” (со кој раководел Ѓорѓи Димчевски). Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“. Уште тогаш беше свесен дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје не постоеле студии по хармоника, па од тие причини Милан се определува за неговиот втор инструмент, за контрабасот. Со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.

Но, без разлика на тоа, Милан Завков ја продолжува кариерата со својот прв и единствен избор – хармониката, остварувајќи неверојатно голем број успеси. Па, така веќе во 1970 година со „Октет Македонија“ ја снима својата прва плоча. На полето на народната музика, самостојно, но и во различни соработки, како и со групата „Македонски мерак” остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни познати изведувачи со над 150 авторски творби.

Како врвни хит-мелодии кои ги потпишува Милан, ќе ги паметиме и слушаме засекогаш: „Заиграј со мене” со Виолета Томовска, „Нема друга Македонија” со Војо Стојаноски, „Лична Јовано” и „Лазарополе” со Наум Петрески, „Пат за Стамболград” и „Мораш душо да ме разбереш” со Благица Павловска, како и песните кои тој ги создаде за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Гоце Арнаудов, Елена Георгиева, Сузана Спасовска, Селимова-Желчевски, Ленче и Горан Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски… и други… додека за ори и чочеци имаше врвна соработка со Ферус Мустафов.

Го памтиме со големо задоволство неговиот Голем солистички концерт, кој Милан го одржа на 17 април 2017 година, во МОБ, на кој настапи и со своите гости: Ленче и Горан Кукиќ, Елена Георгиева, Анастасија Петреска, Дамјан Стојаноски, Виолета Томовска…

Милан Завков низ годините се истакнува и како солист-инструменталист со многу ора и чочеци. На тој начин се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.

Од 2000 година Милан Завков беше вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец”, како музичар-инструменталист, првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува многу концерти и турнеи низ Македонија, но и низ целиот свет.