Благодарам на животот што ми даде прилика да ја посетам Атиџе – хероината која во целост го смени мојот живот, што можев со неа да пиеме кафе, да се гушкаме, да пееме (“Македонско девојче“) и да се смееме! Ќе направам сè за да ги обединам луѓето да ѝ помогнеме на Атиџе да живее порелаксирано, побезбедно и подостоинствено сега, во третото полувреме од животот, бидејќи државата сè уште само и ветува, вели Турунџиева за весникот ВЕЧЕР

Нашата позната водителка, пејачка и писателка, Сузана Турунџиева, за разлика од многумина други, оваа 2020 година ќе ја памти по многу добри нешта. Едно од тие добрите, таа го смета нејзиното пријателство со хероината Атиџе – жената која ја испрати најсилната порака во светот и хероина, која во целост ја промени диоптријата на животот на Турунџиева.

– Има малку моменти и ситуации за кои ми недостигаат зборови да се искажам… ова е еден од тие… Уште од тие првите денови, кога го гледав документарецот „Медена земја“, почувствував таква блискост кон Атиџе и силна потреба да ја сретнам и да ја гушнам, да ѝ ги бакнам вредните медени раце со кои го прави највкусниот мед на светот и да ѝ се поклонам пред силните нозе кои со години (по дождови и снегови) неуморно ја носат до толку далечни и тешко проодни места и планини кај што „пиле не пее“, раскажува со силни емоции Сузана за весникот ВЕЧЕР.

Помалата ќерка на Сузана, исто така ја засака хероината Атиџе

Иако знаевме дека Бекирлија (нејзиното село) е отсечено од цивилизацијата и дека нема пат по кој можеш да стигнеш со обичен автомобил, ние со господ напред и со добриот Хусеин, кој случајно го запознавме, тргнавме во најголемата авантура во нашиот живот!
По раѓањето на моите деца и моето внуче, одењето во Бекирлија е најголемата возбуда и радост која ја имам почувствувано и која дополнително ме мотивира да покренам многу иницијативи за неа кои државата сè уште ѝ ги ветува. Како поединец не можам многу, но затоа ќе направам СĖ за да ги обединам луѓето со големо срце да се поврземе, да ме комуницираат и да ѝ помогнеме да живее порелаксирано, побезбедно и подостоинствено.

Барем сега, во третото полувреме од животот. Всушност, јас се приклучив на иницијативата на Мариа Дибјаџио, која живее во Америка и токму во овој месец таа ги обединува нашите во дијаспората, да покажеме човечност, хуманост и добра волја за нашата хероина Атиџе.
Благодарам на животот што ми даде прилика да ја посетам, да пиеме кафе, да се гушкаме, да пееме и да се смееме!
Дуле М.