Овчарите ги продаваат стадата и се селат во Европа и Америка

Сточарите велат дека откупот се одвива потешко во однос на претходните години. Освен ниската откупна цена, која се движи од 180 до 190 денари за килограм жива мера, проблем е и економската криза и намалената потрошувачка на традиционалните пазари – Италија и Хрватска каде што се извезува македонското јагне. Поради ниската откупна цена и високите трошоци сè поголем број од сточарите ги продаваат стадата и се селат во Европа и во Америка

5141

Годинава се очекува да се откупат околу 200 илјади јагниња. Сточарите велат дека откупот се одвива потешко во однос на претходните години. Освен ниската откупна цена, која се движи од 180 до 190 денари за килограм жива мера, проблем е и економската криза и намалената потрошувачка на традиционалните пазари – Италија и Хрватска каде што се извезува македонското јагне. Поради ниската откупна цена и високите трошоци се поголем број од сточарите ги продаваат стадата и се селат во Европа и Америка.

-Секоја година имаме проблем со откупната цена на јагнешкото. За Нова година се откупуваше за 200 денари, а сега падна на 180 денари за килограм жива мера. Како што се доближуваат велигденските празници, откупната цена ќе паѓа. Тоа е така секоја година. Мислам дека вештачки е турната цената. Кога е сезона и кога треба да се откупат поголеми количества, тогаш откупувачите ја спуштаат цената, изјави за весникот ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес.

Тој апелира до сточарите да ги чуваат јагнињата и да не ги продаваат под 200 денари и покрај тоа што некои откупувачи се обидуваат да им ги проценат по пониска класа и да им ги земат поевтино.

-Секој трговец има договор да откупи одредено количество на јагниња, па ако не го испочитува тоа, ќе плаќа пенали. Ние немаме доволно јагниња и затоа мора да се откупат сите, додава Јанков.

Јагнето вообичаено пред велигденските празници се извезува во Италија и Хрватска. Во Италија нашето јагне се продава по многу висока цена од 15 до 20 евра за килограм, а на сточарите им го откупуваат по 180 денари за килограм.

-Откупот се одвива потешко во однос на претходните години поради економската криза, намалена потрошувачка и животен стандард на пазарите каде што се извезува. Откупната цена што се движи околу 190 денари за килограм жива мера е незадоволителна во однос на трошоците за сточна храна кои се зголемени, вели за весникот ВЕЧЕР, Никола Ѓеоргиев, претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.

Според него, цената треба да биде над 230 денари за килограм за да биде рентабилна. Во државата има се помалку прва категорија јагниња, бидејќи веќе се пораснити затоа што нема континуиран откуп, додава Ѓеоргиев.

Тој очекува годинава да се извезе иста количина на јагниња и покрај тоа што сточниот фонд е далеку помал од лани.

-Оваа година има помалку овци од лани, а сè повеќе сточари се откажуваат од сточарството и ја напуштаат државата, вели претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.

Она што посебно треба да се нагласи е фактот дека оваа година на продажба се сите 20 илјади јагниња, зашто ниту еден од сточарите не покажа волја да зачува јагниња за зголемување на стадата, кои од година во година сè се помалубројни, велат сточарите од Дебар.

Скендер Аме, претседател на здружението на одгледувачи на овци „Даши“, вели дека ако до пред три години вкупно во Дебарско имало над 40 илјади грла овци, моментно нивниот број е за 10 илјади помал.

-Причините пред сè лежат во фактот што младите заминаа во западно европските земји и САД. Во последните три години десет сточари, кои имаа големи стада, истите ги продадоа, а тој тренд продолжува. Влијание има и тоа што за јагниња нема субвенции. Покрај другото се соочуваме и со проблемот со недостиг на овчари. Порано ги обезбедуваме од соседна Албанија, но и тамошните млади замина на Запад, додава Аме.

Сточарите велат дека трошоците на фармите постојано растат, а цените на нивните продукти не ги следат тие поскапувања. И покрај тоа што цената на пченицата и јачменот последниов месец се намали за 10 отсто, тоа нема да влијае на намалување на нивните трошоци. Тие земаат храна во жетва и не може да чекаат цените да паднат за да ја ранат стоката.

(А.С.)