Стопанска комора: Како ќе изгледаше нашата економија ако се прифатеа сите иницијативи и приоритети на Комората

57

Во Монографијата за Стопанската комора на Македонија ќе ги најдете на едно место сите најзначајни иницијативи кои оставиле белег во македонската економија изминатите дваесетина години, но и Моделот за нов економски развој кој го предложи Комората уште во 2010 година

Малкумина денес знаат дека постојните законски решенија за бројни суштински прашања во нашата држава се иницирани, барани или воведени како резултат на упорните настојувања на Стопанската комора на Северна Македонија во изминатите 100 години, со цел поттикнување на економскиот раст и развој и создавање поволни услови за водење бизнис. Ако се наведат сите иницијативи, сигурно дека ќе бидат потребни уште стотоци страници, па затоа во Монографијата се одбрани најсуштинските.

Напоменуваме само мал дел од нив: воведување рамен данок, систем на исплата на бруто-плати, примена на интегрираното гранично управување, барање за дијагонална кумулација на потеклото, целосно почитување на законскиот рок за враќање на данокот на додадена вредност, координирано и флексибилно дејствување на инспекциските служби, поволни кредитни линии за поттикнување на производството и на извозот, легализација на земјиштето каде што има диви градби, а каде што нема детален урбанистички план, подобрување на ликвидноста на стопанството преку подмирување на обврските од јавниот спрема приватниот сектор, да се зголеми мрежата на гранични премини на кои може да се врши 24-часовно царинење секој ден од неделата, реконструкција и за модернизација на железничкиот коридор 10, инвестиции за намалување на увозната зависност од енергенси и за создавање перспективи за одржлив економски развој (барање од 2010 година), интензивирање на активностите за гасификација на Македонија (барање од 2007 година), мерки за окрупнување на земјоделскиот посед…

И, секако, тоа не е се… новите структури во Комората ги сублимираа главните приоритети, од кои некои се со постар датум, некои се понови, но скоро сите се и денес актуелни прашања, кои никогаш не забораваме да ги повториме. Во монографијата ќе прочитате и за нив, а ги претставуваме најзначајните: заокружување на темелните приницпи на пазарната економија, задолжителна консултација на бизнисот при донесување на законите, создавање кадар во согласност со потребите на бизнисот, јакнење на независноста на регулаторните тела, законско нормирање на холдингот, менување на системот на јавните набавки, реогранизација на МБПР, воведување даночен календар, непречено извршување на парични побарувања спрема субјектите од јавното право, ревидирање на системот на парафискални давачки, имплементација на електронската фактура, ревидирање на царинските стапки, гасификација, брзи процедури за градежни дозволи, регистрација на електронските портали, поддршка за бизнисот преку мерки за надеминување на последиците од Ковид и Пост-Ковид периодот…. да се реализираа сите овие приоритети, сигурно ќе се оствареа и основните цели од предложениот модел за економски развој на Комората! Повеќе за тоа прочитајте во Монографијата.

Стопанската комора на Македонија во 2010 година понуди модел за нов економски развој, кој сегментарно беше прифаќан во изминатите години, но не успеа да доживее сериозна расправа во државата како вкупна стратегија. Стопанската комора на Македонија го отвори прашањето на новиот модел за економски раст, водејќи сметка и почитувајќи го постигнатото на сите досегашни влади и државни институции, во многу тешките услови на дејствување (осамостојување на земјата, ембарга, блокади, воени дејствија, кризи). Притоа, клучната деловна асоцијација во земјава очекуваше нејзиниот предлог за нов модел на економски развој да резултира со мерки и активности кои сублимирано ќе донесат значаен економски благодет за земјата, базирајќи се на следните цели:

1. Домашните и странските инвестиции да бидат двигатели на растот;

2. Да се зголеми извозот на конкурентни производи за одржлив развој;

3. Приватниот сектор да стане стожер на економскиот раст и да ја апсорбира високата невработеност;

4. Динамичниот економски раст да резултира со функционално интегрирање на земјата кон ЕУ и зголемен животен стандард;

5. Да се модернизира инфраструктурата и да се намали енергетската зависност на земјата.

И на крајот, останува пак да се запрашаме: КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДАШЕ НАШАТА ЕКОНОМИЈА АКО СЕ ПРИФАТЕА СИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ, ПРЕДЛОЗИ, БАРАЊА И ПРИОРИТЕТИ НА КОМОРАТА?