За подеднаква и правична застапеност на етничките заедници во државната администрација, треба да се земе во предвид процетуалната етничка застапеност кај резидентното население истакнува директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Но, не се сите задоволни како оваа застапеност се остварува. Дел од партиите и пратениците сметаат дека не само етничката припадност туку и стручноста и компетентноста треба да бидат во фокусот при вработувањето на кандидатите.

Иван Стоилковиќ, пратеник и претседател на Демократска партија на Србите во Македонија, смета дека „Балансерот“ е уште една од измислиците во политичкиот живот како да се избегнат нормалните, регуларни правила во врска со вработувањето и во врска со правичната и соодветна застапеност.

– Затоа што „Балансерот“ суштински не одговара на она што е реална потреба на државата и општеството туку, пред се, се грижи за остварување на партиско-политичките интереси. Од тој аспект, ако тргнеме дека „Балансерот“ е проблематичен и дека бројките од последниот попис се проблематични ќе дојдеме до ситуација кога правичната застапеност во суштина реално не одговара на потребите на заедниците во Македонија. Пред се, тука мислам на помалите етнички заедници, не мислам на Албанците, затоа што постојат низа институции каде што нивната соодветна застапеност е надмината, како на пример во Министерството за култура. Така што, покрај другите сериозни промени во македонското општество следната промена би требала да биде и сериозна реконструкција на принципот на соодветна застапеност затоа што се вработуваат луѓе без соодветни квалификации, само според националната припадност без ниту еден друг критериум. Тука мислам на објективните критериуми кои се поврзани со образованието. Така што ова е доведено до апсурд како што е доведен до апсурд и политичкиот живот во државава, изјави за весникот ВЕЧЕР Стоилковиќ.

(И.С.)