Во хрватската ракометна репрезентација се уште не стивнуваат емоциите по поразот од Шпанија во финалето на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка. Шпанците во финалето кое го судеше македонската судиска двојка Начевски – Николов ги победија коцкестите со 22:20, но клучниот момент се случи во 59. минута кога на Игор Карачиќ му беа досудени чекори, а Хрватска остана без шанса да го израмни резултатот, а на „црвената – фурија“ и се отвори патот до победата.

Со оглед на положбата на теренот, Начевски од својот колега Николо, кој беше зад голот, после досудените чекори доби прашање „Што свиреше? – на што му беше одговорено „Не грижи се, сигурен сум дека беа чекори.“

-Нормално е да биде тешко да се донесе ваква одлука, бидејќи не сакате да бидете тој што ќе го одлучи финалето на европското првенство во последната минута. Олеснителна околност е тоа што во тој момент бев 100% сигурен дека играчот направил барем шест чекори. Но, притисокот е голем, бидејќи треба да одлучиш во дел од секунда, изјави Начевски за „Балкан Хендбал.“

Македонскиот арбитар истакна и дека воопшто не е лесно да се суди меч меѓу Шпанија и Хрватска.

Не е лесно да се суди меч меѓу Шпанија и Хрватска, со оглед на тоа што двете екипи играа цврста одбрана, воено и валкана, што се гледа во бројот на исклучувања што ги имаат. Се трудевме со својот авторитет и знаење да ги сведеме проблемите на минимум и натпреварот да заврши со по две исклучувања на двете страни. Тука главна улога има и тоа што тие играчи не почитуваат како судии и знаат дека секоја одлука која што ќе ја донесеме нема да биде пристрасна, вели Начевски.

Шпанија на неодамна завршеното првенство го одбрани златниот медал, а Хрватска по третпат не успеа да победи во едно европско финале и да го освои единствениот голем медал што и недостасува.