Стипендии за стручно усовршување: Поддршка за 68 талентирани уметници и дефицитарни кадри

97

Министерот за култура Хусни Исмаили им ги врачи решенијата на дел од корисниците на стипендии за кои ресорното Министерство обезбеди средства во еднократен износ од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 за поддршка на стручно усовршување во културните дејности. Станува збор за талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри во областа на театарот, музиката, танцот, литературата, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и заштитата на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство, соопштија од Министерството за култура.

На Конкурсот за 2020 година аплицирале вкупно 74 кандидати од кои врз основа на приоритетите, критериумите и условите утврдени во Конкурсот, поддршка добија 68 апликанти. Министерот за култура на средбата со корисниците на стипендии истакна дека оваа поддршка е од особено значење и за развојот на овие уметници како професионален кадар но, и за целокупниот културен развој на државата.

„Грижата за младите уметници и за дефицитарните кадри е еден од приоритетите во нашата културна политика и токму затоа, секоја година во Годишната програма на Министерството се обезбедува поддршка за стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри во сите дејности од областа на културата и уметноста“, рече Исмаили.

Инаку, секоја година Министерството за култура во рамки на програмата за поддршка на стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри учествува во финансирањето на едукацијата на млади и талентирани уметници од дејностите од областа на културата и уметноста како и стручни кадри од заштитата на движното и недвижното културно наследство, кои својот образовен процес го остваруваа надвор од земјата на познати, признати и престижни универзитети во светот. Годинава на листата, меѓу другите, се и универзитетите: Бољшој балетската Академија од Москва, Русија, Универзитетот за визуелни уметности од Лондон, Универзитетот за музика и драмски уметности од Грац, Австрија, Конзерваториум Виена, Конзерваториум Бостон, Универзитетот во Реџо Калабрија, Италија.