ССМ пишува тужба против државата, напомош  професори, поранешни уставни судии и експерти!

Синдикатот ќе ја тужи државата за непочитување на закон и на колективен договор, според кои сите плати треба да се усогласат со растот на минималната во рок од шест месеци. Исто така, се подготвува и тужба до Советот на Европа, за која се користи искуство на холандски синдикат кој добил спор за сличен проблем. Дарко Димовски, претседател на ССМ,  вчера во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека од 1 септември можно е радикализирање на штрајкот во здравството

168

Со помош на претставници на Меѓународната организација на трудот, поранешни уставни судии, професори по право, Сојузот на синдикатите на Македонија ја подготвува тужбата против државата, затоа што не ги покачи платите на вработените во јавниот сектор.

Оваа тужба што ќе се поднесе до Основниот суд Скопје 2, ќе биде за непочитување на закон и на колективен договор, според кои сите плати во државата треба да се усогласат со растот на минималната плата, но може да биде проширена. Исто така, се подготвува и друга тужба што ќе се достави до Советот на Европа, а нејзината содржина ќе биде малку поинаква.

– На 25 март, минималната плата се зголеми од 15.200 на 18.000 денари и според закон и колективен договор, сите плати во државата треба да се усогласат со нејзиниот раст во рок од шест месеци, односно треба да се зголеми септемвриската плата што се зема во октомври. Штрајкот во јавниот сектор сè уште трае, а од Владата нема најава дека ќе го направи ова усогласување. Тужбата до скопскиот суд ќе ја поднесеме деновиве, зашто крајниот рок е 25 август. Иако сега е судската ферија, архивата работи и ние мора да го запазиме рокот. Сега ги вметнуваме забелешките од експертите што ги консултираме – информира за весникот ВЕЧЕР претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Тужбата до Европскиот совет, исто така, се подготвува, но, како што појаснува, таа може да се поднесе и подоцна, зашто за неа нема рок.

– Таа ќе биде малку проширена. Во неа, за непочитувањето на колективните договори, ќе се повикаме на меѓународна конвенција. За неа користиме искуство од наш братски синдикат од Холандија, кој пред деценија или повеќе добил сличен спор – појаснува Димовски.

Веќе два и пол месеца јавниот сектор штрајкува, а ССМ веќе не бара линеарно и солидарно зголемување на сите плати за 2.806 денари, за колку што се зголеми минималецот, туку да се почитува Законот, според кој платите треба да пораснат за 18,4 проценти, колку што е процентуалното зголемување на минималната плата.

Димовски информира дека од 1 септември можно е радикализирање на штрајкот во здравството, каде што, како што вели, вработените биле  изиграни и не го добиле најавеното покачување од пет проценти, туку им се сметало зголемувањето на платите во декември.

– Претседателството на Синдикатот за здравство сега заседава и утре треба да има информација што ќе се преземе. Штрајкот во здравството ќе се радикализира – вели претседателот на ССМ.

Револтот кај здравствените работници е голем и затоа што наместо да се зголемат, како што беше најавено, платите во здравствената и во социјалната заштита за една година се намалиле.

– Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека платите во дејностите на здравствена и на социјална заштита, за само една година, од мај 2021 година до мај 2022 година, наместо да се зголемат, се намалиле за 0,19%. И тогаш и денес го порачуваме истото, на здравствените работници не им требаат аплаузи и фала, им треба поголема плата – велат од најголемиот синдикален сојуз во државата.

Димовски информира дека во сите приватни компании чии вработени членуваат во ССМ, немало проблем со зголемување на платите по растот на минималната. Таму, вели тој, платите се зголемени, и тоа од 3.000 до 8.000 денари. Проблем останува јавниот сектор и тоа, главно, централната власт, затоа што речиси секојдневно платите се зголемуваат во по некое комунално претпријатие и во општините.

(С.В.)