ССМ бара да не се работи и во сабота и да се воведе 38-часовна работна седмица

Од најголемиот синдикат во државата посочуваат дека анализите и примерите  покажуваат дека така работникот ќе биде попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството, за одмор и за професионално надградување и дообразување. Работодавците, пак, сметаат дека поради технолошките процеси во некои компании неделата нема да може да биде неработна, па предлагаат ова прашање да се уреди со колективните договори на ниво на дејности

1291

Не само неделите туку и саботите треба законски да бидат определени како неработни денови во нашата држава, сметаат во Сојузот на синдикатите на Македонија. Тие уште во февруари лани, во рамки на активностите за подготовка на новиот закон за работни односи, ваков предлог доставиле до ресорното Министерство за труд и социјална политика.

Традиционално во нашата држава и во државите од нашето опкружување се прифаќа дека саботата и неделата се денови на неделен одмор заради почитување на семејните традиции и заштита на правата, што е во согласност со Конвенцијата на МОТ бр.106 за неделен одмор. Поаѓајќи од сè почестите дискусии за потребата недела да биде неработен ден за сите работници, кои се сè поприсутни на меѓународно ниво, а посебно во земјите од нашиот регион , како и позитивниот пример на Црна Гора во оваа насока, Сојузот на синдикатите на Македонија е на став дека како ден на неделен одмор треба да се третираат саботата  и неделата, наместо како што досега тоа е регулирано –  „Ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата“, вели за весникот ВЕЧЕР, претседателот на ССМ, Дарко Димовски, по најавата на Владата дека работи на тоа неделата да биде неработен ден.

Од најголемиот синдикат во државата посочуваат дека анализите и примерите  покажуваат дека така работникот ќе биде попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството, за одмор и за професионално надградување и дообразување. Освен ова, ССМ уште предлага и скратување на работната недела за два часа, на 38 од сегашните 40.

Посочените  барања и заложби на ССМ се прогресивни, развојни и мотивирачки и значително ќе влијаат на зголемување на продуктивноста на трудот, но и на заштитата на работничките права и потреби. ССМ смета дека со унапредување на работничките права и со создавање на правна рамка за почитување на демократските вредности ќе се создадат основи и претпоставки кои ќе ја задржат младата популација во државата, наспроти трендот на отселување, карактеристичен за последниот период, истакнува Димовски.

Од друга страна, работодавците сметаат дека неделата не може да биде неработна за сите, па затоа треба да се остави на дејностите во зависност од технолошките  процеси сами да го уредат тоа со колективните договори.

-Кај нас законите предвидуваат работникот задолжително да има еден слободен ден во седмицата, а тоа не мора да биде недела туку може да е и друг ден. Исто така, предвидено е за работа во сабота да се плаќаат 35, за работа во недела 50, а на празник 250 проценти над предвидената сатница. Прашање е колку ова се почитува. Не треба само да носиме закони туку и да се грижиме за нивната имплементација, смета претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

Тој посочува дека ние не сме на ниво на економски развој како западноевропските земји и нашиот бруто-домашен производ по жител е многу мал, па затоа, некои решенија кај нас не држат вода. Појаснува дека има дејности каде технолошките  процеси се такви што не смее да се прекине работата, на пример во некои фабрики не смее да се гасат печките, па доколку се донесе одлуката неделата да биде неработна, тоа, како што вели не би требало да важи генерално за сите.

– Би требало да се остави на самите дејности, според технологијата на работа со колективни договори да одредат како ќе работат, смета Димитров.

Идејата на Владата работниците да се плаќаат на час и да не се работи во недела доаѓа по реакциите на работниците во секторите каде што се работи прекувремено, во недела и за празници и на најниско платените во државата, како што се вработените во текстилните фабрики, супермаркетите, трговски центри и градежништвото. Најавено е дека за овие предлози ќе се дебатира со бизнис-секторот и со синдикатите за да се донесе заедничка одлука.

Во прилог на оваа идеја е и истражување на здружението на граѓани „Гласен текстилец“, во кое 70 отсто од испитаниците  се изјасниле дека работат прекувремено, 59,3 отсто работат над 50 часа неделно, а само 11,3 отсто рекле дека не работат на празници и за викенд.

Во ЕУ не се работи во неделите во девет држави, меѓу кои се: Германија, Австрија, Полска, Словенија. Во регионот неработната недела прва ја воведе Црна Гора. Тримесечното искуство според црногорските работодавци резултира со намален промет во трговијата и отпуштања работници. Така, во трговскиот центар „Делта сити“, во модните продавници, но не и во супермаркетите,  прометот паднал за 18 проценти и отпуштени се 80 работници. Затоа, се бара корекција на законот со изземање на трговските центри поради спецификите.

Во Србија, пак, одлуката за неработна недела е во процес на донесување. Според најавите, доколку не постои можност секоја недела да биде неработна, ќе се оди со тоа да се воведат една или две неработни недели во месецот.

(С.В.)