Среќен дедо, Љупчо Трајковски-Фис: Во Инсбрук одам да ги видам внучињата!

1841

За македонскиот композитор и музичар 61-годишниот Љупчо Трајковски-Фис нема кој не знае. Неговите евергрин-песни станаа белег на Валандовскиот фолк-фестивал на кој песните му ги пееле сите ѕвезди: Милан Бабиќ, Пепи Бафтировски, Наум Петрески, Смиља Митревска, Благица Павловска, Гоце Николовски, Мишко Крстевски, но секако да не се заборави и Драган Мијалковски… а, тоа се песните:„Една песна јас да запеам“, „Жал за Деспина“, „Има ли песна“, „Ноќва пеам само за неа“, „Дај ми надеж“, „Земјо далечна“, „Душо моја прости ми“, “Илина“, „Лено, Ленче“, „Не можам душо не можам“, „Што ќе ти е бекрија“, „Кога слушнав песна наша“….И не само на тој фестивал во Валандово, туку и на многу други фестивали. Па, така неодамна со Смиља Митревска забележа убедлива победа на “Еврофест 2019“. На приватно поле тој е веќе дедо, среќен, исполнет со својот живот. Како што е редот.

– Имам два сина Драган и Борјан. Синот Драган е музичар, свири на контрабас и концертот за контрабас го напишав за него. Со сопругата му, која исто така е музичарка, живеат и работат во Инсбрук, Австрија и имаат две деца на 4 и една година, моите внуци Давид и Лука. Помалиот, Борјан, е машински инженер. Летово бев во Инсбрук да си ги видам внучињата. И пак ќе одам. А, што се однесува до настапите, па ете уште се сеќавам на оној во Киев, Украина, каде што бев гостин на концертот на Рико Санчез. Прекрасно поминав….инаку, желба ми е да заминам на брод-крузер каде исто така би се занимавал со музиката. Правам такви планови со некои мои колеги, па ќе видиме дали желбата ќе се оствари.