Делегација од Европски универзитет оствари средба со неговата светост, вселенскиот патријарх Вартоломеј во седиштето на Цариградската патријаршија во Истанбул.

Средбата се реализираше во рамки на повеќедневната работна програма за интернационална соработка и унапредување на потенцијалот за заеднички раст и развој со повеќе универзитети од САД, Турција, Југоисточна Европа и Евроазискиот регион.

Во своето обраќање до присутните, патријархот го истакна значењето на високото образование за општествениот напредок и зачувување на универзалните цивилизациски и духовни вредности. Тој посочи дека универзитетите имаат благородна мисија да го пренесат знаењето на идните генерации кои ќе бидат главни двигатели на прогресот во светот, како и да придонесат за формирање повисоко ниво на свест и одговорност спрема околината. Г.г. Вартоломеј ја поздрави и поддржа иницијативата на присутните за создавање цврсти врски помеѓу универзитетите и вложувањето заеднички напор за напредок во едукативниот сектор на глобален план.

По завршувањето на срдечната средба со почесниот поглавар на светското православие, претставниците на високообразовните установи имаа можност да ја посетат библиотеката на Цариградската патријаршија и непосредно да се запознаат со повеќевековната издавачка и образовна дејност на оваа духовна институција.